Search

Black Ops со премиерна бура од стил и талент

Премиерата на трејлерот на новата серија „Black Ops“ внесе нова еуфорија за филмска акција и наратив со глобален потенцијал.

Изминатиот викенд Скопје ни ја покажа својата трансформација на град, кој што може да биде исполнет со филмски гламур и стил како светските метрополи. Во саботата (05.06.2021) во Скопје дефинитивно беше евидентен холивудскиот дух на црвениот тепих, каде што во спектакуларно издание беше маркиран официјалниот почеток на една оригинална филмска приказна.

Ексклузивната промоција на трејлерот, на новата најавена акциона серија Black Ops, се оддржа во Cineplexx за затворен круг на посетители, а веста за настанот привлече големо внимание од многубројните лојални фанови и поддржувачи, кои во саботната вечер во голем број ги пречекаа главните актери пред Skopje City Mall, кои беа опкружени со хермелини и членови на Black Vipers Squad во улога на специјалци, кои се и дел од филмската екипа.

Трејлерот на новата серија Black Ops ги прикажува најинтересните моменти од претстојната прва сезона од серијалот, но сепак, автентичната насока во која се движи серијата, несекојдневниот микс на здружен талент, како и самата премиера како настан, ја прикажаа реалната можност за внес на нова и освежителна еуфорија за филмска акција со глобален потенцијал.

„Според мене проект со вакви аспирации и ваков квалитет се нема случено на нашите предели. Силно верувам во генијалноста на наративот, кој што Black Ops ќе продолжи да го отсликува. Сметам дека е брилијантно напишано сценариото, и најмногу од сѐ сум среќен што оваа серија прикажува сериозни и важни глобални проблеми преку еден шарен и динамичен приод. Глобалната битка за подобро утре започнува во внатрешноста на секој од нас, а тоа сметам дека совршено го отсликува мојот карактер Вилијам Конор,“ изјави David Mukka, етаблиран музичар со македонско и финско потекло, кој во серијата за прв пат се впушта во актерските води глумејќи го главниот протагонист.

 

Серијата Black Ops како филмски проект опфаќа неколку комплексни теми преку лупата на акцијата и драмата како жанрови, вклучувајќи ја неуморната упорност и граници на човековиот карактер, моќта на глобалната мрежа на подземјето, како и трговијата со луѓе како посочен проблем и факт, – нешто кое е претставено и во самиот трејлер.

„Ми претставува огромна чест да го донесам ова дело пред очите на јавноста. Пред сè, Black Ops, е проект од јавен карактер во кој што народот беше вклучен од самиот старт на истиот. Огромната поддршка и мотивација од страна на сите вклучени страни ми донесе поголема сигурност и верба во овој проект. Мислам дека е време македонската филмска сцена да доживее и дело од ваков калибар со многу високи стандарди на кинематографија,“ изјави режисерот Billy D. (Били Дурмишовски).

„Потенцијалот на овој проект е голем и се надевам дека публиката ќе може да сведочи како истиот тој проект се издигнува до пласман на светските стриминг платформи како Netflix, HBO, Amazon Prime и слично,“ дополни режисерот.

Актерскиот состав во серијата Black Ops е предводен од David Mukka (во главна улога како Вилијам Конор / William Connor), кој е придружен од Христијан Тасковски – Таско (во улога на Тони Калашев – Сатар, главниот антагонист во серијата), Стефан Лазаров (во улога на Петар Бабиќ), Тамара Тодевска (во улога на Bella), Ана Стојановска (во улога на Nora), Игор Џамбазов (во улога на Jason C. Booth), Роберт Ристов (во улога на Zürich), Душан Пауновски (во улога на Марко “Ret”), Марија Лазарова (во улога на Софија) и многу други.

Зад серијата е потпишана македонската продукција Artistic Film Production, а снимањето на епизодите од првата сезона се очекува да започне во наредните месеци.

 

Треба да знаете
Последни објави