Search

Американска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски во Калифорнија

Најновиот филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“, утре, 3 март, ќе ја има американската премиера на фестивалот „Синеквест“ во Сан Хозе, Калифорнија. Филмот, кој е американско-германската копродукција, ќе биде прикажан четири пати во програмата „Живот“, која го најавува филмот со зборовите „Царствата на умот се бескрајни и чудесни“.

Реномираниот „Синеквест“ е избран за најдобар филмски фестивал од читателите на „САД тудеј“ и се одржува во Силиконската Долина.

Изминатава недела петтиот игран филм на Манчевски ја имаше европската премиера на „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, и на белградскиот Фест, каде што режисерот е на чело на меѓународното жири. На Фестот беше прикажан и документарец за творештвото на Манчевски.

Во текот на март „Бикини Мун“ ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија.

Кондола Рашад, која беше трипати номинирана за бродвејската награда „Тони“ и која во моментот игра во серијата „Милијарди“, ја глуми Бикини Мун Дејвис. Бикини е харизматична жена војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава. Во оваа модерна бајка, која се потпира врз нарушениот идеал за семејството, настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.

„’Бикини Мун’ е психолошки портрет кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите, вклучувајќи го и филмот, го експлоатираат поединецот. Денес секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на ‘Фејсбук’. ‘Бикини Мун’ како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата“, изјави Манчевски.

Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, каде што ја освои бразилската критика. „Брилијантен авторски филм“, „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество“, „Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер филозоф“, напишаа, меѓу другото, бразилските критичари.

Треба да знаете
Последни објави