Погребот на Амфилохије со непочитување на епидемиолошките мерки

Митрополитот црногорско-приморски, Амфилохије, беше погребан денес во криптата на Соборниот храм на Христовото воскресение во Подгорица, пред неколку илјади верници и пренос во живо на црногорскиот јавен сервис РТЦГ. Литургијата и опелото ја служеше српскиот патријарх Иринеј, кој рече дека луѓето се собрале да го „испратат Амфилохије кај Господа, каде се нашите свети предци и каде сите ќе бидеме еден ден“

„Посебно би го истакнал она што Амфилохије му го остави на својот народ, а тоа е љубовта кон Косово и Метохија. На крај, би сакал да ве потсетам на големата желба на Амфилохије да ја обнови капелата на Његош на Ловчен. Нека биде ова негов аманет до верниот српски народ и Црна Гора, тој рече дека со реновирањето на црквите и манастирите, луѓето почнале да се враќаат во црквата“, рече Иринеј.

Митрополитот на Српската православна црква во Црна Гора, Амфилохије (83), почина на 30 октомври од последиците на Ковид-19 врз неговото здравје.

На погребот зборуваа и претседателот на црногорското собрание, Алекса Бешиќ и академикот за српска наука и уметност, Матија Бешковиќ.

На него присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и висока делегација на владата на таа земја, како и членот на Претседателството на БиХ од српскиот народ, Милорад Додик.

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и премиерот Душко Марковиќ не беа присутни на погребот.

Под раководство на Амфилохије, Српската православна црква во Црна Гора организираше протестни митинзи во 2020 година против законот за слобода на вероисповед, за кој тие тврдеа дека е „покритие за одземање на црковниот имот во таа земја“.

Во пресрет на парламентарните избори одржани на 30 август, Амфилохије го назначи Здравко Кривокапиќ, актуелен мандатар за црногорската влада, на чело на коалицијата што ги обедини српските партии во Црна Гора.

Збогувајќи се на погребот на митрополитот Амфилохије, Кривокапиќ рече дека неговата смрт е исклучителна загуба за православието и дека граѓаните на Црна Гора „останаа без великан“.

„Секој состанок со вас беше радост. Оној во пресрет на 30 август беше посебен. Ќе ја носам твојата прегратка до последниот час“, додаде Кривокапиќ.

Епидемиолошките мерки донесени од Црногорскиот национален орган за заразни болести во борбата против пандемијата на коронавирус во голема мера беа прекршени во неделата за време на погребот на Амфилохије.

Мерките беа прекршени во и пред црквата Христово воскресение во Подгорица за време на литургијата и опелото што ги служеше српскиот патријарх Иринеј. Повеќето од присутните во Храмот беа без маски, вклучувајќи го и мандатарот за новата црногорска влада, Здравко Кривокапиќ, голем број пратеници и други јавни личности, како и повеќето свештеници и монаси.

Денес свештениците пред Храмот се причестуваа со граѓаните со истата лажица, а дел од граѓаните пред Храмот не носеа маски.

Епидемиолошките мерки беа прекршени завчера и во Клиничкиот центар на Црна Гора и во манастирот Цетиње.

Митрополијата црногорско-приморска претходно повеќепати ги повикуваше граѓаните да ги почитуваат епидемиолошките мерки и за таа цел набави 5.000 заштитни медицински маски.

По политичките митинзи за време на парламентарните избори, Црна Гора имаше значително зголемување на бројот на луѓе кои страдаат од коронавирус, што резултираше со заострување на мерките во некои општини и нивно затворање.

Скоро 4.000 луѓе во моментот се заразени со коронавирус во таа земја, а од почетокот на пандемијата, 301 лице починало од вирусот Ковид-19.

Треба да знаете
Последни објави