Казни за непостапување според здравствените прописи за 19 струмичани и петмина битолчани

Основното јавно обвинителство Струмица поднесе предлози за издавање казнени налози против 19 лица кои во одделни кривично правни настани го сториле кривичното дело- непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите во периодот од 1 до 4 април, не ги почитувале одлуките и мерките на Владата на Република Северна Македонија со кои се забранува движење на населението на територијата на државата. Со тоа, секој од нив, во одделни кривично правни настани, не постапил согласно прописите за сузбивање или спречување на опасната заразна болест предизвикана од коронавирусот, поради која е прогласена пандемија.

Заради стореното кривично дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Струмица до Основниот суд Струмица поднесе предлози за издавање казнени налози и за секој од обвинетите предложи судот да изрече парична казна во висина од по 50 дневни глоби, а секоја дневна глоба да е во висина од по 10 евра во денарска противвредност.​​

Основното јавно обвинителство Битола поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица кои во одделни кривично правни настани го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Четворица од обвинетите на 25 април 2020 година, не ги почитувале мерките со кои се определува забрана за движење на населението на територијата на Република Северна Македонија па се движеле со возило низ градот за време додека во сила бил полицискиот час.

Петтиот обвинет имал вербална расправија со лице кое живее на друга адреса во градот, па со намера да продолжи со расправијата отишол до домот на другиот битолчанец, каде бил затекнат од полициските службеници.

За стореното, обвинителството на надлежниот суд му предложи на сите обвинети да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби секоја од нив во висина од по 20 евра во денарска проиввредност.​​

Треба да знаете
Последни објави