Германија со критики до Трамп поради прекинот на финансирањето на СЗО

Издвојувањето средства за недоволно финансираната Светска здравствена организација е меѓу најдобрите начини да се помогне развојот на вакцината против „Ковид-19“, рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, го запре финансирањето на СЗО, пренесува РТ.

„Префрлањето на вината не помага. Вирусот не знае за граници. Мора да работиме заедно против Ковид-19. Една од најдобрите инвестиции е зајакнување на ОН, особено на недоволно финансираната СЗО, на пример за развој и дистрибуција на тестови и вакцини “, напиша Маас на Твитер.

Вчера американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го стопирал финансирањето на СЗО, поради, како што рече,лошо управување и прикривање на ширењето на коронавирусот. Тој ја обвини СЗО дека не успеала прецизно да известува за Ковид-19 во раните фази на епидемијата.

САД беа меѓу најголемите донатори на СЗО, придонесувајќи со 893 милиони американски долари или околу 15 отсто од актуелниот двегодишен буџет на агенцијата.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја критикуваше одлуката на Трамп, велејќи дека екот на пандемијата не е време за покажување со прст и за повлекување на поддршката за СЗО.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, изјави дека потегот на Трамп против глобалната здравствена агенција ќе го ослаби капацитетот на СЗО и ќе ја поткопа меѓународната соработка во борбата против епидемиите.

„Ги повикуваме САД темелно да ги исполнат своите одговорности и обврски и да ја поддржат СЗО во нејзиното водство во одговорот на епидемиите“, рече Жао.

САД остануваат најтешко погодена земја од пандемијата на Ковид-19 со повеќе од 600.000 потврдени случаи, според универзитетот „Џон Хопкинс“. Центарот за контрола и спречување на болести (ЦДЦ) во вторникот објави дека бројот на починати на национално ниво изнесува 22.2252. Најголемото жариште е државата Њујорк, каде што има повеќе од 200.000 заразени.

Треба да знаете
Последни објави