Јеронимос: Невидлива честичка ги принудува општествата на изолација

Универзумот потчинет од невидлива честичка ги принудува општествата на изолација, вели грчкиот архиепископ Јеронимос во неговата честитка до верниците по повод големиот христијански празник Велигден, кој оваа година, во Грција, граѓаните ќе го слават дома, јави дописничката на МИА од Атина.

-Празникот над празниците и свеченоста над свеченостите, оваа година, нè наоѓа погодени. Универзумот потчинет од невидлива честичка ги принудува општествата на изолација. Се затвораат граници. Тага кај народите од неизвесноста. Растојание и во нашите социјални односи и во нашите домови. Броиме рани, за жал и загуби на животи. Некои велат дека можеби многу работи ќе се сменат засекогаш, дека сè одново ќе се испише од почеток, вели Јеронимос.

Грчкиот архиепископ вели дека оваа година „обожавањето е повредено”, а настаните личат на апокалиптични, но ги повикува сите да имаат верба.

-Христос Воскресе. Во овие тешки услови со дополнителните, за нашата татковина, проблеми на границата, да имаме надеж. Аплаудираме и се молиме за оние кои таму и служат на татковината и за оние што водат битка со пандемијата, лекарите, медицинските сестри, вработените во здравството, вели Јеронимос на крајот од неговата честитка до верниците.

Грчката Влада го прифати предлогот на Светиот синод на ГПЦ, за Велигден, црквите да бидат отворени само за богослужби на свештените лица, но затворени за верниците.

Треба да знаете
Последни објави