Поранешна затвореничка избрана како модел за нова колекција на долна облека на Ким Кардашијан-Вест

Шеесетгодишна жена која беше ослободена од затвор по 19 години поради кампањата на Ким Кардашијан-Вест, беше подоцна избрана како модел за новата колекција на долна облека на ѕвездата.

Кардашијан-Вест лобираше за ослободувањето на Алис Мари Џонсон, која беше осудена на доживотен затвор поради учество во продажба на дрога во 1996 година.

Телевизиската ѕвезда  објави на „Твитер“ видео од Џонсон облечена во нов модел од долната облека „Скимс“.

„Ким водеше војна за мене, се бореше за мојата слобода“, изјави Џонсон, која е мајка на пет деца.

„Таа е мојот ангел борец“.

Џонсон била осудена на доживотен затвор од страна на суд во САД во 1996, за прв, ненасилен престап. Таа била невработена и скоро разведена, па се вклучила во синџир на продажба на дрога во кој учествувала како посредник меѓу дистрибутерите и продавачите.

„Учествував во продажба на дрога и виновна сум“, Џонсон изјави во 2016 година. „Тешко е да си замислам дека отслужив 20 години за една грешка“.

Во 2016 за Џонсон била потпишана петиција која била отфрлена од страна на администрацијата на Обама, но нејзината казна беше скратена од страна на претседателот Доналд Трамп по кампањата предводена од Ким Кардашијан-Вест и Џеред Кушнер.

Џонсон беше ослободена во 2018.

„Секој миг за мене е бесценет“, вели Џонсон во видеото што Кардашијан го сподели на „Твитер“ на своите 61,7 милиони следбеници.

Новата колекција на долна облека на Кардашијан веќе беше цел на јавноста, откако ѕвездата на реалното шоу беше обвинета за присвојување туѓа култура, па беше принудена да го промени името на колекцијата која претходно го носеше името „Кимоно интимејтс“.

Голем број Јапонци имаа поплаки за брендот, за кој тврдеа дека е знак на непочитување на нивната традиционална облека.

Треба да знаете
Последни објави