Пред почетокот на грејната сезона: Инспектори од еден град ќе вршат надзор на еколошките дозволи на компаниите во други градови

Државниот инспекторат за животна средина ќе тргне во акциска контрола на издадените еколошки дозволи, пред сè, на производните капацитети на територијата на целата држава. Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, најави новитет во контролите пред почетокот на новата грејна сезона.

„Новина во инспекциските надзори ќе бидат мешовити тимови. Инспекторите од еден град ќе вршат надзори во други градови. На надзорите ќе присуствуваат и вработени од Министерството за животна средина и просторно планирање“, рече директорката Гиновска.

Министерот за животна средина, Изет Меџити, најави дека ќе почнат со надзорот од Скопскиот Регион.

„Иницијално, ќе се почне со контрола на производните капацитети. Заедно со Инспекторатот ќе бидат посетени најголемите индустриски капацитети во државата почнувајќи од Скопскиот Регион. Работните тимови ќе спроведат увиди на терен, односно надзор на издадените интегрирани еколошки дозволи, со цел да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на инсталацијата на терен. Овие активности, покрај тоа што имаат цел контрола на усогласеноста на спроведувањето на националното законодавство, исто така имаат цел да обезбедат кооперативност и подигнување на јавната свест кај сите засегнати страни дека во претстојната сезона мора навремено и континуирано да се дејствува“, рече министерот Меџити.

Прашањето за квалитет на амбиенталниот воздух, според Меџити, е предизвик со кој државата со години се соочува, па затоа сакаат навреме да почнат со активности за ублажување на последиците, иако нагласува дека квалитетот на воздухот не е локален проблем и не е проблем на едно министерство. Министерството и Инспекторатот ќе настојуваат активностите за подобрување на состојбата со аерозагадувањето „да бидат инклузивни, да се споделуваат и да се координираат со сите релевантни институции“.

Треба да знаете
Последни објави