Актуелниот македонски кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром со победа над освојувачот на Купот, ТФТ ја почна новата сезона на домашната сцена (74:60). Ова е втора победа за МЗТ Скопје против истиот ривал откако минатата недела забележа победа и во Суперкупот. Првата четвртина заврши со предност на шампионот 19:14. Во втората четвртина се разигра домашниот тим ТФТ и со серија од 10:0 направи резултатски пресврти и поведе со 28:25. Но, одговорот на шампионот дојде преку Војдан Стојановски, кој со две реализации по ред, иницираше серија по која шампионот одново „побегна“на безбедни (39:31) по 20 минути игра. Третата четвртина се покажа одлучувачка за победникот бидејќи кошаркарите на МЗТ Скопје успеаја да дојдат до плус 20 (59:39) по што рутински ја одработија последната четвртина и со победа ја започнаа новата сезона. Крстевски и Кефи постигнаа по 13, а Војдан Стојановски 10 за МЗТ Скопје, додека кај ТФТ се истакнаа Ташовски, Стојановски и Андерсон кои дадоа по 12 поени.