Вардар со победа против европскиот шампион ја заврши групната фаза на ЛШ

Вардар со триумф од 33:27 (16:13) над европскиот првак Монпелје ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите, на третото место, па во осмина-финалето ќе игра со шестопласираниот тим од Група Б, за кое се во игра Мотор Запорожје и ППД Загреб. Второто место го освои Веспрем, кој успеа да го победи Киелце 36:35.

Монпелје минатата година во полуфиналето на Ф4 турнирот го елиминираше Вардар во обидот да дојде во финалето, а со денешната победа „црвено-црните“ ги оставија Французите без пласман во следната рунда од Лигата на шампионите.

Ракометарите на Вардар тргнаа одлично во натпреварот и тоа темпо го држеше до крајот на натпреварот. Првиот гол гостите го постигнаа дури во 9. минута за 5:1, најголемата разлика беше седум гола, но разликата на полувреме беше три гола (16:13).

Гостите во вториот дел набрзина дадоа два гола за 16:15, но по 18:17 следуваше серија од три гола за 21:17 , а во 48. минута Вардар веќе имаше 25:19 и ова беше резултат кој најавуваше мирна завршница.

Најефикасен кај Вардар беше Кристопас со седум гола од осум обиди, Карачиќ шест, Чупиќ пет, а Милосављев имаше 14 одбрани.

Треба да знаете
Последни објави