Според Мајк Помпео, нема директни докази дека принцот го наредил убиството на Кашоги

Државниот секретар на САД Мајк Помпео вчера изјави дека, врз основа на разузнавачките податоци што ги видел, не постојат директни докази дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман е поврзан со убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Турција.

Помпео и секретарот за одбрана Џим Матис за убиството на Кашоги ги информираа сенаторите, кои изразија загриженост дека директорот на ЦИА Џина Хаспел не присуствуваше на брифингот, затворен за јавноста, јавува Гласот на Америка.

Матис им кажа на сенаторите дека „клучната“ улога на Саудиска Арабија во одржување на стабилноста на Блискиот Исток не може да се негира, дури и кога САД бараат да одговараат виновниците за убиството на Кашоги.

Според извештаите на американските медиуми, ЦИА оцени дека Салман го наредил убиството на саудискиот новинар. Риад ги отфрли овие обвиненија и ги обвини одметнатите агенти за целиот случај. Слично кажа и американскиот претседател Доналд Трамп, кој нагласи дека тоа сè уште е отворено прашање.

Помпео им кажа на сенаторите дека „влошувањето на односите со Саудиска Арабија би било сериозна грешка за американската национална безбедност и американските сојузници“.

Треба да знаете
Последни објави