Затвореник во САД признал дека убил 90 луѓе

Американскиот затвореник Самуел Литл, кој призна дека извршил 90 убиства, од кои голем дел останале неоткриени, би можел да влезе во американската историја како најголемиот сериски убиец во САД.

Американската федерална полиција, која продолжи со истрагата, веќе потврди дека тој е одговорен за смртта на 34 лица, повеќето маргинализирани жени, консументи на дрога и сексуални работнички, главно со афроамериканско или латиноамериканско потелко.

Убиствата ги извршил од 1970 до 2005 година во 15 американски сојузни држави.

Тој е поранешен боксер, кој сега има 78 години. Ги убивал жртвите со удари или со давење, а телата ги оставал покрај некој пат или сместувачки капацитети.

Полицијата за повеќето од жртвите заклучила дека животот го загубиле во несреќа, од прекумерена доза на дрога или починале од природна смрт.

Литл претходно бил уапсен десетина пати поради силување, киднапирање и друг вид насилство. Само за два случаи постоеле сомнежи дека би можел да биде и убиец, и тоа во 1980 година кога го привеле поради исчезнувањето на две жени од Мисури и Флорида. Ослободен е поради недостиг од докази.

Полицијата дури во 2012 година ја утврди неговата одговорност за убиствата. Литл тогаш беше приведен во рамки на истрага за шверц на дрога, но беше откриено дека неговата ДНК е поврзана со смртта на три жени од Лон Анџелес, од 1987 и 1989 година.

Литл беше осуден во 2014 година на доживотен затвор.

Треба да знаете
Последни објави