December 1, 2022 17:34
Скопје

606 првачиња од Центар положија свечена заклетва дека ќе бидат вредни и успешни ученици

По повод Детската недела во Паркот на Франкофонијата се оддржа манифестацијата на која 606 првачиња од Општина Центар положија свечена заклетва дека ќе бидат вредни и успешни ученици, ќе ги слушаат наставниците и ќе постигнуваат одлични резултати.

Општината им подели и прикладни подароци.

-Чест ми е што денеска сум пред вас и имам можност да ви кажам дека вие сте ни радоста, гордоста и иднината. Вложувањето во вас е вложување во подобро утре за сите нас. Денеска на ова свечено давање на заклетва сакам да ја истакнам вредноста на образованието не само во подоцнежниот напредок туку и во личниот развој како индивидуа. Сите вие имате еднакви права за образование, затоа разбудете ја жедта за учење за да можете мудро да одговорите на предизвиците кои следуваат. Наше е да ве научиме да ги спознаете вистинските вредности во животот, да ви обезбедиме достоинствени услови и квалитетно образование, изјави градоначалникот Горан Герасимовски на церемонијата.

Со денешната заклетва првачињата станаа членови на најголемата Детска организација каде имаат сопствени права кои треба да бидат слушнати и почитувани.

Герасимовски им порача  слободното време да го минуваат во дружење, спортување и учење, но да не заборават дека моќта на успехот е во знаењето.

Фото: Слободан Ѓуриќ