Search

Јуве застана во одбрана на Роналдо во врска со обвиненијата за силување

Кристијано Роналдо, кој од ова лето стана фудбалер на Јувентус, се наоѓа под истрага за силување. Тој е обвинет за силување од 2009 година, од страна на хотелска хостеса во Лас Вегас.

 

Полицијата во Лас Вегас потврди дека од септември 2018 година повторно е отворен случајот за силување од 2009 година.

„Нашите детективи работат врз основа на информации кои им ги даде жртвата. Оваа истрага е во тек и засега нема да бидат откриени повеќе детали поврзани со неа“, соопштија од тамошната полиција.

Ова известување доаѓа откако Кетрин Мајорга (34) повтори дека на 13 јуни 2009 година Роналдо брутално ја силувал во својот апартман во хотел во Лас Вегас. Мајорга во 2010 година прифатила да прими 375 илјади од Роналдо во замена за молк. Но, после осум години молчење бара судска правда за нападот кој радикално ѝ го променил животот на полошо.

Откри дека од тогаш се бори со самоубиствени мисли и често се опива. На прашањето зошто ги прифатила парите, таа вели дека се плашела поради славата на Роналдо, а и не сакала нејзиното име да се провлекува по светските медиуми.

Роналдо може да добие доживотна затворска казна, со можност за излегување на условно дури после 10 години.

Во однос на тоа дека станува збор за сериозни обвиненија на сметка на Роналдо за тешко кривично дело, Португалецот наиде на прилично ладни реакции од најважните спонзори, кои се дистанцираат од него не сакајќи негативен публицитет каков што носи самата оваа атмосфера.

Сепак, новиот клуб на Роналдо му даде апсолутна поддршка. Јувентус, кој летово за 33-годишниот освојувач на Златна топка и најдобар стрелец во историјата на Реал плати отштета од 117 милиони евра, по повод обвиненијата за силување на сметка на Роналдо, порача:

„Роналдо во последните месеци покажа голем професионализам и посветеност, кои ги цениме сите во Јувентус. Она што наводно се случило пред 10 години не го менува нашето мислење, истото го делат сите кои имаат стапено во контакт со овој голем шампион“.

Треба да знаете
Последни објави