Search

25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Австрија

Денес министерот за надворешни работи Никола Димитров се обрати на настан организиран од страна на амбасадата на Република Австрија во Република Северна Македонија, по повод одбележување на 25 годишнината од денот на воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји.

Во своето обраќање министерот Димитров се осврна на континуираниот позитивен тренд на билатерални односи и соработка меѓу двете пријателски земји, како и на силната австриска поддршка во однос на нашите ЕУ аспирации.

-Во октомври, не ја добивме очекуваната одлука, но и покрај сложената ситуација во самата Европска Унија, пријателска Австрија продолжува со својот активен ангажман во полза на валоризирање на постигнатото на Северна Македонија, и верувам дека со заеднички напори ќе успееме да ја добиеме заслужената одлука за започнување на пристапни преговори многу скоро, заземајќи го постепено соодветното место во европското семејство, истакна Димитров.

На настанот организиран на Филозофскиот факултет во Скопје, Амбасадата промовираше и книга за почетоците на австриската дипломатија во земјава, а покрај МНР Никола Димитров, пригодни обраќања, пред претставниците на дипломатскиот кор и академската заедница, имаа и австрискиот амбасадор Георг Вуцас и ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”, Никола Јанкуловски.

Треба да знаете
Последни објави