Меѓуврсничкото насилство може да доведе до депресија и да заврши фатално: Секој втор случај на булинг во Македонија не е пријавен

Започна учебната година и со тоа веднаш се зголеми бројот на пријави за меѓуврсничко насилство. Според она што досега го знаеме е дека тоа има повеќе форми а истите со текот на времето и развојот на технологијата се менуваат.

Меѓуврсничкото насилство може да биде вербално, физичко и психолошко, а истото може да се случува лице во лице или во онлјан просторот.

Според Anti-bullying Alliance, меѓуврсничкото насилство се дефинира како репетитивна, намерна повреда на една индивидуа или група на индивидиуи од страна на друга индивиудуа или група на инидвидуи чија што релација вклучува нерамнотежа во однос на моќта.

Оваа дефиниција подразбира неколку важни момнети, прво во однос на фрекфенцијата на таквиот тип на однесување, понатаму на намерата да се нанесе повреда, бројот на учесници инволвирани во булиногот како и дисбалнасот во однос на моќта, вели Петар Данески, училишен психолог во едно приватно средно училиште во Скопје.

Според него постојат три основни видови на меѓуврсничко насилство и тоа:
Физичкото насилството кое е многу повеќе од туркање и удирање и може да вклучува и индиректни форми, како одземање на предмети и уништување (пример: прибор, домашни задачи) и иако тука нема нанесување на физичка болка, постои физичко манифестирање на моќ. Исто така, може да вклучува изнудување на пари преку закана со физичко насилство.

Вербалното насилство е една од најзастапените форми на насилство кое што има влијание веднаш и кое што најчесто се случува пред „публика“. Социјалното насилство вклучува намерно исклучување од социјалните групи или застрашување во рамки на групата.

Сајбер насилството вклучува секоја форма на насилство кое што се случува преку употреба на дигитални електронски уреди. Може да се случува преку социјални мрежи, електронска пошта, платформи за размена на пораки и слично.

На прашањето колку често тој и сите засегнати страни во училиштата се среќаваат со меѓуврсничко насилство или булинг, Данески вели може да ни послужи спроведената анкета, со која се опфатени само основни училишта на ниво на град Скопје, од страна на Фондацијата Фридрих Еберт во која биле вклучени 33 испитаници, претставници на скопски училишта кои доставиле пополнет прашалник (листата на училишта и прашалникот се во прилог), при што 22 од нив потврдиле дека имало вкупно 147 случаи на физичко врсничко насилство во минатата учебна година (мин.=1, макс.=33 по училиште), 19 одговориле дека имало вкупно 145 случаи на вербално насилство (мин.=1, макс.=30 по училиште), додека 3 испитаници одговориле дека имало сексуално врсничко насилство во вкупно 7 случаи (min=1, max=3 по училиште).

Во прилог на ова одат и стстистичките податоци на МВР за пријавени случаи на насилство помеѓу малолетниви, кои во последниве две години имаат тренд на зголемување. Имено во 2022 година пријавени во полиција се 75 случаи, а во 2023 година 102 случаи на меѓуврсничко насилство.

Доколку ги споредиме податоците, можеме да дојдеме до заклучок дека родителите или децата не го пријавуваат секој случај на булинг до надлежните институции или потајно го кријат во себе. Стстистичките податоци од МВР и спроведената анкета ни укажува дека секој втор случај на меѓуврсничко насилство не е пријавен, па реалните бројки со сигурност се многу поголеми.

“Од моето досегашно искуство, сметам дека е потребно да се направат нови истражувања, кои би опфатиле поголема популација, бидејќи сметам дека ни недостасува истражување на национално ниво за да можеме подобро и попрецизно да ја одредиме зачестеноста на врсничкото насилство во училштата”, додава Данески.

Причини за булинг

Причините за булинг можат да бидат различни, но едни од почестите причини поради кои врсниците се напаѓаат меѓусебе е различниот социјален статус, сексуалната ориентација, повлеченоста или нискиот степен на самодоверба и слично.

“Нешто што е многу важен предиктор на насилство е секако агресивноста и пркосот на учениците, како подвид на агресивноста. Недостатокот на емпатија, како и негативното врсничко влијание се секако исто така важен фактор. Понатаму, ученците кои имаат помалку развиени социјални вештини и врсничкото одбивање (понизок социјален статус) се ризик фактор за станат потенцијални трпители на насилството. Ниското ниво на самодоверба е исто така поврзано со потенцијално станување на вршител/трпител на насилство. Додека за сајбер насилството, влијание на потенцијалното станување трпител на сајбер насилство има времето кое што е поминато на интернет. Дополнително, сексуалната ориентација, етничката припадност, образовните поттешкотии се исто така поврзани со врсничко насилство”, истакнува психологот.

Психолошки симптоми и последици од меѓуврсничкото насилство

Сепак една од најважните работи кај врсничкото насилство е тоа веднаш да го препознаеме и да го спречиме понатамошното ширење, затоа добро е да ги знаеме психолошките симптоми кои се јавуваат кај децата кои се жртви на булинг.

Тие се: необјасниви повреди, изгубени предмети (облека, електронски уреди…) чести главоболки, стомални потешкотии, промена во навиките за јадење, намален училишен успех и училишен ангажман, чести кошмари и проблеми со спиењето, намалување на пријателските врски и избегнување на социјални ситуации, чувство на беспомошност и намалена самодоверба, себедеструктивно однесување, самопровредување и така натаму.

Бидејќи се почести се случаите на меѓуврсничко насилство, добро е родителите, но и децата да бидат информирани и за последиците од ваквиот вид на насилство, кое доколку не биде третирано на време за жал може да заврши и фатално, со одземање на животот на жртвата.

“Последиците можат да бидат различни. На пример има психосоцијални симптоми како: социјални потешкотии, социјална повлеченост и изолираност, анксиозност, депресија, суицидални мисли, нарушувања во исхраната, ниска самодоверба, избегнување за одење во училиште, намален академски успех, таинственост при корестење на електронски уреди, драстично намалување на времето поминато на социјалните мрежи.

Соматски симптоми како: главоболки, нарушувања во спиењето, болки во абдоменот, лош апетит, замор итн.

Сепак, дологорочните ефекти односно последици се критични, а тоа се: зголемена можност за развивање на симптоми на депресија, анксиозност, суицидални мисли и идеации, проблеми во формирањето на значајни социјални релации, нарушување во исхраната и здравстевни проблеми.

Што прават училиштата за да го спречат булингот?

Нешто што е важно е секое училиште да има своја политика за спречување на меѓуврсничко насилство каде што ќе биде дефинирано што спаѓа под врсничко насилство покрај што ќе биде јасно укажана изјава на училиштето во однос на насилството. Понатаму потребно е да се има јасен протокол за постапување во случај на насилство каде што секој има јасна улога и кои акции се превземаат во однос на ситуацијата. Исто така потребно е да се земе во предвид и мислењето на сите вклучени страни во образовниот процес. Начините за пријавување на насилството, обезбедување на канали за пријавуавње на насилство, јасни насоки за тоа со кого треба да бидат споделени тие информации.

Исто така, важно е да се одржуваат работилници со претставници на стручната служба, за вработените во училиштето, најпрво, за тоа како да го препознаат насилството и комплексностите кои ги носи со себе, во текот на целата година. Понатаму, работилници со родителите како да препознаат дека нивното дете е трпител/вршител на насилство, како и тренинг за учениците како подобро да ги регулираат своите емоции, особено лутината и гневот, развивање на толеранција кон другите, развивање на доверба и емпатија, комуникациски и интерперсонални вештини.

“Најчест пристап кој го користи стручната служба се одвоени разговори со лицата кои го претрпуваат насилството, вршителите на насилтвото и сведоците на насилството. Исто така, една стратегија е зголемен надзор од страна на возрасните, особено за време на одморите и паузите. Дополнително, воспоставување на систем на работилници за тоа како да се препознае и што значи насилство, како да се спречи и каде да се пријави.

Исто така, работа на социметрскиот статус и комапактноста на групата на ученици, тренинг за стекнување на социјални вештини, како и укажување на негативните ефекти кое може да ги има насилството. Надвор од тој куриклум и во самата настава по одредени предмети може да биде обезбедена соодветна едукација за насилството, пример преку драма клубот: може да бидат искористиени одредени сценарија, се со цел преку играње на улогите, да се земе перспективата на другиот (кажавме дека недостатокот на емпатија е еден од најчестите причини за појава на меѓуврсничко насилство).

Развивање на систем за врсничка поддршка, каде што учениците ќе стекнаат одредени вештини како да ја променат својата улога од само гледачи и подржувачи на насилството во потенцијални бранители и лица кои би спечиле насилството, преку пријавуавње на насилството до соодветни лица во училиштата”, истакнува Данески.

“Многу е важно да се почитуваат принципите на доверливост и анонимност на учениците кои пријавуваат насилство. Спроведувањето на педагошките мерки како такво не е доволно, туку потребно е да се воведе континирана работа на стручната служба со учениците кои трпаат насилство, како и со учениците кои вршат насилство и со оние кои се само сведоци на насилство, а во одредени ситуации и со надворешни релевантни инситуции. Многу важна алатка која би сакал да ја споменам е и обуката за дигитална писменост, која има за цел да ги научи учениците како да останат безбедни на социјалните мрежи. Исто така, од осбена важност е и поттикнување на учениците кон учество во воннаставни активности од хуманитарен карактер”, додава психологот.

Совети за родителите и децата жртви на булинг

Пред сè, разговарајте со вашите деца објанете им што претставува насилството и какви ефекти може да предизвика. Прашајте ги вашите деца дали нешто вакво им се случило и на нив и доколку да, прашајте ги како се чувствуваат поради тоа.

Доколку вашите деца ви кажат дека доживеале насилство зборувајте смирено и разговарајте за потенцијалните идни чекори. Имајте во предвид дека многу од децата се плашат да им кажат на своите родители за насилството, од страв дека тоа ќе предизвика бурна реакција кај родителите и дека ќе ја влоши ситуацијата. Слушнете ги и уверете ги дека тоа што се обратиле кај вас е правилна одлука.

Обидете се да ги утврдите фактите. Може да биде корисно да водите запис од настаните што ќе го споделите со училиштето. Уверете ги дека насилството не е во никој случај нивна вина и дека имаат семејство кое што ќе ги поддржи.

Охрабрете ги дека нема да преземете никаква активност без претходно да разговарате со нив, истакнува Данески, додавајќи дека не треба да ги поттикнувате да одговорат на насилството – со насилство. Важно е децата да избегнуваат насилно однесување. Реакциите од таков тип имаат негативни и непредвидливи исходи – може да бидат уште повеќе повредени и да добијат етикета дека се проблематични. Наместо тоа, предложете им да се оддалечат од насилното однесување и да побараат помош.

“Прашајте го вашето дете што сака да се случи следно. Помогнете им да ги идентификуваат изборите што ги имаат, потенцијалните следни чекори и вештините што можеби ќе им бидат неопходни за решавање на проблемите. Охрабрете го вашето дете да учествува во активности кои ќе ја градат нивната самодоверба и почитување и кои ќе им помогнат да создадат пријателства надвор од училиште”, завршува Данески.

Некои од можните активности кои може да бидат превземени како родитело се следните:

– Mоже да му укажете на вашето дете да ја напушти ситауцијата.
– Да напишат писмена порака до лицето кое што врши насилство да престане со таквиот начин на однесување
– Да побарат помош од страна на постар ученик или врсник.
– Разговарајте за ситуацијата со класниот раководител и/или стручната служба или директорот – или одговорниот возрасен каде што се случува насилното однесување. Секое дете има право на безбедна средина за учење и развој!

И најважно, следете ги вашите деца, применувајте активно слушање затоа што промените кои се јавуваат кај нив укажува дека нешто се случува со нив.

Наталија Јосифоска

Треба да знаете
Последни објави