Битиќи со критика за непочитување на албанскиот јазик во Собранието

Седницата на Комисијата за финансирање и буџет денеска не започна со работа откако пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, побара одложување на расправата за Предлогот на закон за изменување на Законот за Царинската управа, бидејќи доставените материјали не беа преведени на албански јазик, со што е прекршен Деловникот на Собранието. На дневен ред на Комисијата беа 2673 амандмани поднесени од пратениците на „Левица,“ кои требаше да се разгледуваат, но истите не беа доставени на албански јазик.

Битиќи посочи дека член 3, став 4 од Деловникот за работа на Собранието предвидува дека пратениците кои зборуваат јазик различен од македонскиот, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, мора да ги добијат материјалите на својот јазик, навремено и во целост, за да можат да учествуваат во дебатата на еднаква основа.

Во својата процедурална интервенција, Битиќи истакна дека според информациите добиени од генералната секретарка на Собранието, одговорот на неговото барање бил дека е потребно некој дополнително да одобри амандманите да бидат преведени на албански јазик. Тој го оцени овој одговор како апсурден, бидејќи преводот е деловничко и уставно право кое мора да се почитува, а не да биде предмет на дополнителни одобрувања или политички калкулации.

На крајот, претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, констатираше дека не постојат технички услови за продолжување на работата, односно не може да се обезбеди превод на материјалите на албански јазик, поради што ја одложи седницата.

Треба да знаете
Последни објави