Тежок пораз на Владата на Мицкоски, вели Филипче за одлуката на ЕУ Албанија да ја одвои од Македонија

Амбасадорите на државите членки на Европската унија вчера донеле одлука Албанија да ги продолжи преговорите со Европската унија и да се раздвои од Северна Македонија на патот на евроинтеграциите, соопшти денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Според него, ова значи дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување во втората фаза на преговорите со ЕУ и отворање на првиот кластер, а за нас значи нова пропуштена шанса.

„Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред се, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“ изјави Филипче.

Со ова, смета лидерот на СДСМ, Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжи напред.

„За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија“ порача Филипче.

Филипче додаде дека Преговарачката рамка и потребните уставни измени се најдобар начин државата да се заштити од натамошнин уцени и барања.

Треба да знаете
Последни објави