“Сменета цена нема никаде, никаде не пишува дека има нешто намалено, апсолутно ништо” – Граѓаните за новите цени во маркетите (ВИДЕО)

Одлука за ограничување на бруто профитната маржа пред неколку дена донесе Владата за 73 прехранбени производи кои се најзастапени во потрошувачката кошничка на граѓаните.

На списокот се најдоа брашното, лебот, пекарските прозиводи, млекото и млечните производи, месо и преработките од месо, дел од овошјето и зеленчукот, оризот, гравот, тестенините и дел од конзервираните производи. Владата очекува со оваа мерка да се намалат трошоците за храна за 10 проценти. Но дали е навистина така и во пракса?

24Инфо како и секогаш го слуша гласот на народот, па поради тоа повторно во мала анкета ги прашавме граѓаните дали почувствувале намалување во цените на производите во маркетите и на пазарите, односно дали се почитува оваа мерка на Владата.

Поголемиот број на граѓани велат дека немаат забележано некое намалување на цените или доколку има тоа е многу мало, па прехранбените производи се се уште многу скапи. Тие прашуваат како со ниските плати и пензии да се излезе на крај со оваа скапотија.

“Се е скапо. Од гардероба до пазар, во супермаркети за јадење, многу е скапо”.

“Цените требаше прво да не ги покачуваат па после да ги намалуваат. А со тоа сега направија да биде пак исто, и ништо од намалувањето”, вели една револтирана граѓанка.

Дел од граѓаните воопшто не гледаат намалување на цените во маркетите и велат истата цена е како минатата недела, а најдовме и на граѓани кои ни кажаа дека цените на одредени проиводи од вчера до денес не само што не се намалени, туку се качени за дури 100 денари.

“Цените мислам не се намалени. Сега земав кромид, иста цена како пред некој ден беше”, вели еден граѓанин кој го снимивме пред супермаркет.

“Нема намалување, цените се катастрофа. Кога еден домат дошол 160 денари, што сакате повеќе? Пиперките 130, 150…”

“Вчера купував беше 300 и нешто, еве денеска 420 денари… Поскапени се. Сменето нема никаде. Никаде не пишува дека има нешто намалено. Апсолутно ништо!”, дециден е друг револтиран граѓанин.

Целото видео од анкетата можете да го погледнете во продолжение:

Н.Ј.

Треба да знаете
Последни објави