Search

ЕУ испраќа авиони за помош во гаснењето на шумските пожари во Албанија

По барањето од Албанија за помош во справувањето со шумските пожари во општина Дропул, Европската комисија донесе одлука преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ да испрати четири авиони од Грција да помогнат во гаснењето на огнот, соопшти денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и управување со кризи Балаш Ујвари.

-Европската комисија стои на располагање за испраќање на дополнителна помош доколку биде потребна на теренот во Албанија или на други места, додаде Ујвари.

Тој потсети дека ова лето Еврокомисијата формира флота за гаснење пожари од 28 авиони и четири хеликоптери, како и тимови од 556 пожарникари од 12 членки, кои се стратешки стационирани на клучните локации во 10 земји во Европа и се подготвени доколку е потребно да им помогнат на локалните противпожарни екипи во справување со огнените стихии.

Според ЕК, ситуацијата на теренот во Албанија покажала знаци на подобрување во текот на ноќта, но Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ продолжува внимателно да ја следи ситуацијата во случај да биде потребна дополнителна поддршка.

Во врска со оваа одлука, еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич порача дека ЕУ е подготвена доколку е потребно да ја поддржи Албанија и со дополнителна помош во справувањето со пожарите.

Шумските пожари не познаваат граници. ЕУ мобилизираше противпожарни авиони од Грција за да ги поддржи локалните тимови во Албанија во нивната борба против шумските пожари, додаде Ленарчич.

Треба да знаете
Последни објави