Search

Почна да се поставува оградата околу зградата на Владата

Денеска почна да се поставува металната ограда околу зградата на Владата. Пет дена откако на владина седница беше донесена одлука зградата пак да се огради, екипи од утрово ја местат оградата.

„Со оглед на тоа што објектот на Владата е опкружен со нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на Министерството за внатрешни работи, Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да започне постапка за враќање на оградата на Владата која веќе еднаш беше поставена. Истовремено, директорот на СОЗР Ивица Томовски информираше дека оградата била несоодветно чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе направат и дополнителна проценка“, рекоа од Владата на 2 јули.

Оградата беше поставена во 2015 кога објектот доби барокна фасада, а чинеше околу 700.000 евра. Кога СДСМ со Зоран Заев како премиер дојде на власт во 2017, оградата беше отстранета за да биде објектот отворен за граѓаните. Тоа беше едно од предизборните ветувања на премиерот Заев.

Оградата беше тргната во февруари 2019, се сруши само нејзиниот метален дел, а бетонските столбови останаа, бидејќи, како што кажаа тогаш од Владата, нивното отстранување било скапо. Тогаш беше речено дека од оградата ќе се направат клупи и настрешници, но тоа не се случи.

Треба да знаете
Последни објави