Search

Топлотен бран во Европа: На Сицилија измерени 48 степени, смртоносни пожари беснеат во Турција, а на Мајорка – метеоцунами

Во делови од Европа беснеат екстремни временски услови, Грција е зафатена со екстремно високи температури, необично „метеоцунами“ ги погоди Балеарските острови, големи поплави има на француските Алпи, а беснеат смртоносни шумски пожари во Турција, пишува „Дејли мејл“.

На Сицилија хотелите почнаа да ги одвраќаат гостите поради сушата на островот.

Во Шпанија, во одморалиштето Пуерто Алкудија, снимено е драматично видео на кое се гледа моментот кога огромен бран ја прелева другата страна на патот.

Слично видео е снимено на почетокот на неделата во Менорка, каде огромен бран ги однел сите лежалки од плажата.

Во меѓувреме, во Турција, единаесет лица ги загубија животите, а десетици се повредени во големиот шумски пожар што зафати неколку села во текот на ноќта, изјави министерот за здравство на земјата. Сликите објавени на социјалните мрежи покажаа дека пламенот зафаќа големи површини од шумата додека огромните облаци чад се издигнаа во воздухот.

Во соседна Грција, властите евакуираа и неколку села јужно од Атина и во јужниот дел на Пелопонез поради пожари.

Невидени порои вода се излеаја по планинските падини во Франција во петокот, уништувајќи го алпското село Сен-Кристоф-ан-Оасан, принудувајќи ги жителите да бидат евакуирани со хеликоптер.

Италија, исто така, сега се подготвува за шумски пожари, а топлотниот бран во комбинација со сувите услови може да создаде идеални услови за шумски пожари во Сардинија и Сицилија.

Шумски пожар избувна во средата во близина на Неапол, покривајќи некои делови од градот со пепел.

Градоначалникот Гаетано Манфреди рече дека пожарот е „веројатно подметнат“ и дека противпожарните авиони сè уште се борат со огнот во текот на четвртокот.

Малку појужно, на Сицилија е забележана температура од 48,8 Целзиусови степени – највисока во Европа од 2021 година.

Летата стануваат подолги и пожешки, а загриженоста за екстремните горештини станува се пораспространета.

Во Агриџенто – место познато по своите неверојатни храмови – туристите не можат да резервираат хотели бидејќи снабдувањето со вода пресушува.

Франческо Пикарела, локалниот шеф на хотелската асоцијација Федералберги, изјави за Тајмс: – Водата се вклучува два или три пати неделно. Сите куќи имаат резервоари за вода, но за некои тоа не е доволно. Местата без вода ги пренасочуваат туристите во други куќи за гости. И тоа е само јуни.

Од горештините врие и главниот град на Италија, Рим, а низ светот кружат слики од туристи кои чекаат во редици пред Колосеумот.

Во меѓувреме, топла воздушна маса во Мајорка предизвика бизарен временски феномен наречен „метеоцунами“.

Локалните жители го нарекуваат „рисага“. Имено, брзите временски услови, како што се грмотевици, предизвикуваат покачување или паѓање на водата за само неколку минути.

„Варијациите на притисокот влијаат на нивото на морето. Ако притисокот се зголеми, морето се спушта – ако притисокот падне, морето се крева. Главната карактеристика на овие подеми и падови е тоа што се случуваат многу брзо. За само 15 минути нивото на морето може многу забележливо да се подигне или да падне, а потоа да се врати во нормална состојба“, изјави портпаролот на шпанската метеоролошка служба, Микел Гили.

Поради можноста за „метеоцунами“, издадено е црвено предупредување за целиот остров.

Во меѓувреме во Турција беснеат шумски пожари кои веќе однесоа неколку животи.

Носен од ветровите, пожарот брзо се прошири низ селата Коксалан, Јазчичеги и Багаџик, изјави гувернерот на провинцијата Дијарбекир, Али Ихсан Су. Пожарот е ставен под контрола рано во петокот.

Министерот за здравство Фахретин Коча на платформата Х објави дека починале 11 лица. Околу 80 од нив побарале лекарска помош, од кои шест се во тешка состојба.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека пожарот избувнал доцна во четвртокот поради запалени стрништа на околу 30 километри јужно од Дијабакир, а огнот брзо се проширил поради силните ветрови, проголтувајќи пет села.

На помош биле повикани и воздухопловните сили бидејќи интервенцијата од земја не била доволна.

Според последните податоци на Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИС), Турција досега имала 74 шумски пожари оваа година кои опустошиле 12.910 хектари земјиште.

Во летото 2021 година, Турција ги претрпе најлошите шумски пожари кои однесоа девет животи и уништија огромни површини шумски површини на брегот на Медитеранот и Егејското Море.

Шумски пожари избувнаа и во Грција со многу ветровити, топли и суви услови. Шест села јужно од Атина и на Пелопонез мораа да бидат евакуирани поради опасност од пожар.

Поголемиот регион на Атина во петокот воведе забрана за влез во шумите и парковите поради временската прогноза.

Треба да знаете
Последни објави