Search

Османи: Преспанскиот договор е повеќе од договор за името, тоа е договор за стратешка соработка

Министерот за надворешни работи во техничката влада, Бујар Османи, денеска информираше дека на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува на 13 и 14 јуни во Скопје, ќе присуствува грчката заменик-министерка за надворешни работи, Александра Пападопулу, со која ќе има билатерална средба на која ќе разговараат, како што рече „за сите прашања од билатерален интерес“.

На денешната прес-конференција во МНР по повод Самитот, Османи одговарајќи на новинарски прашања, рече дека Преспанскиот договор е јасен по однос на употребата на името на државата.

– Преспанскиот договор е јасен по однос на „erga omnes“ употребата на името на државата и тој е спореден по однос на уставната обврска што ја имаме сите ние. Уставното име на државата е Република Северна Македонија и секоја употреба на друго име е надвор од Уставот, ирелевантно станува во однос на Преспанскиот договор, рече Османи.

Тој упати, како што рече, „бесплатен совет до Владата“.

– Може да сте биле против, може да сте против, но, тоа е реалност, тоа е дел од нашиот уставен поредок, дел од Уставот и мора да се почитува, рече тој.

Во однос на почитување на одредбите од договорот во врска со употребата на името, Османи потенцираше дека нема простор за различни интерпретации на Преспанскиот договор.

– Согласно Преспанскиот договор придавката македонски може да се користи само во етнички контекст, не во државен. Сè што е македонски се однесува на македонската етничка заедница и оттука мислам дека треба да се почитуваат тие одредби бидејќи отвораат нови прашања. Исто е и по однос на името на државата  и мислам дека најкоректниот однос е да се каже ние можеби имаме, имавме разлики, но, тоа е реалност, рече министерот.

Дополни дека доколку Владата има начин да ја смени реалноста, тоа може да го направи бидејќи, како што рече, е демократски процес, но, нагласи дека додека тоа не го направат, реалноста, односно Уставот, мора да се почитуваат.

– Вие може да имате став дека во иднина ќе работите да го смените името, Преспанскиот договор, како што се вели дека ќе ја сменат преговарачката рамка. Меѓутоа, до тогаш, треба да почитуваат, рече Османи.

Информираш дека немаат добиено никаква официјална реакција од Грција, и рече дека се во комуникација.

– Јас уште дента ставот на МНР го кажав по однос на обврските што двете држави ги имаме од договорот. Преспанскиот договор е повеќе од договор за името, тоа е договор за стратешка соработка, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави