Јужна Африка пред судот во Хаг го обвини Израел за апартхејд и геноцид врз Палестинците

Јужна Африка денеска на отворањето на сослушувањето пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, во врска со тврдењето на земјата против Израел за наводниот геноцид во Појасот Газа, изјави дека Израел го подложува палестинскиот народ на апартхејд и геноцид.

Јужна Африка тврди дека Израел го прекршил членот два од Конвенцијата на Обединетите нации за геноцид од 1948 година со извршување на дела кои потпаѓаат под дефиницијата за геноцид
Активностите на Израел покажуваат шема на систематско однесување од кое може да се заклучи дека се работи за геноцид, рече адвокатката на јужноафриканскиот Висок суд Адила Хасим.

Јужна Африка, исто така, бара од МСП итно прекинување на израелската воена кампања во Појасот Газа.

Јужна Африка денеска ги изнесува своите обвинувања, а Израел во петок ќе го изнесе својот одговор пред судот.

Одлуката на судот за вонредните мерки се очекува кон крајот на овој месец.

Судот ќе донесе конечна одлука за обвиненијата за геноцид за неколку години.

Јужна Африка го започна случајот на крајот на декември, обвинувајќи го Израел за кршење на Конвенцијата за геноцид од 1948 година.

Израел го нарече целиот случај „апсурден“ и ја обвини Јужна Африка дека ја игра улогата на „ѓаволски застапник“ на Хамас.

Портпаролот на израелската влада Ајлон Леви пред сослушувањето изјави дека Израел „останува посветен на меѓународното право“ и нагласи дека сите воени дејства се насочени против Хамас.
Одлуките на МСП се конечни и без право на жалба, но судот нема начин да ги спроведе.

Јужна Африка и Израел се потписници на Конвенцијата на Обединетите нации за геноцид, која ги обврзува потписниците да не вршат геноцид и исто така да го спречат и казнуваат.

Конвенцијата го дефинира геноцидот како „акти извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група“.

Во своите судски поднесоци, Јужна Африка наведува дека Израел не обезбедил непречена испорака на храна, вода, лекови и друга неопходна хуманитарна помош во палестинската енклава.

Треба да знаете
Последни објави