Слушаај македонска музика, одбрани го македонскиот идентитет: Низ Скопје билборди на ВМРО-НП

Откако ја најави пред неколку дена, ВМРО-народна партија почна и теренски да ја спроведува кампањата со која ги повикува граѓаните на земјава да слушаат македонска музика и на тој начин да го одбранат својот идентитет.

Теренскиот пристап на кампањата засега е само визуелен. Имено, фотоапаратот на редакцијата на „360 степени“ на една од раскрсниците во главниот град забележа билборд на кој доминира црвената боја со стилизирано петолиние и ноти.

„Слушај македонска музика! Одбрани го македонскиот идентитет!“,пишува на билбордот со логото и името на ВМРО-народна партија.

Инаку, ВМРО-Народна партија ваквата кампања ја најави пред пет дена, односно на 28 декември минатата 2023 година, преку писмено соопштение до медиумите.

Во него, меѓу другото, беше наведено дека македонската песна како еден од главните симболи на идентитетот на секој народ е комплетно истисната и елиминирана.

„ВМРО-народна партија е загрижена од процесот на комплетна културна доминација на поранешниот југословенски простор, а во рамките на македонскиот културен и духовен простор при што македонската култура, а пред се македонската песна како еден од главните симболи на идентитетот на секој народ е комплетно истисната и елиминирана. Затоа ВМРО-народна партија отпочнува со кампања ‘Слушај македонска музика – Одбрани го Македонскиот идентитет’ за да ги разбуди македонските елити кои се чувствуваат одговорни за македонскиот народ и конечно да направат нешто конкретно за спас на македонската песна односно симболот на македонскиот национален идентитет“се наведува во соопштението на партијата.

На фејсбук-профилот на партијата освен еден споделен медиумски напис пред пет дена, не можат да се најдат повеќе детали во врска со кампањата и дали освен билборди се предвидени некакви други активности во рамките на нејзиното промовирање.

Фото: 360 Степени

Треба да знаете
Последни објави