По 32 години извлечен новогодишен џекпот во САД: Добитникот од гратче со 8.000 жители станува мултимилионер

Тикет на Државна лотарија на САД за играта Powerball (кој е сличен со нашето Лото) ја освои главната награда во новогодишното извлекување во вредност од 842,2 милиони долари!

Добитниот тикет е продаден во градот Гранд Блан, кој има само околу 8.000 жители во државата Мичиген, и е петти највреден џекпот во историјата на Powerball, пренесува CNN.

Според соопштението на американската државна лотарија, среќниот добитник „кој во новата година ќе влезе како мултимилионер ќе може да се одлучи за еднократна исплата на добивката од 425,5 милиони долари пред оданочување“, или да се договори за еднаква годишна исплати на добивките.

Очекувањето на голема добивка доведе до рекордна продажба на лото тикети, па така проценетата вредност на добивката (810 милиони) беше значително надмината.

„Ова е првпат да биде извлечен победник на новогодишната ждрепка од почетокот на Powerball во 1992 година“, се наведува во соопштението.

Инаку, оваа награда е втора по големина извлечена во државата Мичиген: пред тоа, во јануари 2021 година, беше извлечена награда од 1,05 милијарди долари во играта Mega Millions.

Покрај џекпотот од 842,2 милиони долари, добитни тикети од 1 милион долари се продадени во Калифорнија, Конектикат, Флорида и Мериленд, додека два билети продадени во Тексас и Флорида ќе освојат по 2 милиони долари.

Пред новогодишното извлекување, џекпотот беше извлечен на 11 октомври минатата година во Фрејзер Парк, Калифорнија. Тој билет освоил 1,76 милијарди долари, но се уште никој не ја подигнал наградата. Среќниот добитник има рок до 11 октомври годинава да се јави во американската државна лотарија. Доколку тоа не се случи, парите ќе бидат распределени на државните училишта во Калифорнија.

Треба да знаете
Последни објави