Што нѐ очекува во 2024 година? Техничка влада, двојни избори, нов раст на плати и пензии, важни проекти низ општините…

2024 година дефинитивно ќе ја одбележат два изборни циклуси.

На 24 април ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, а на осми мај покрај вториот круг претседателски избори, ќе се одржат и парламентарните избори.

Согласно закон, изборите ќе ги спроведува преодна, односно техничка Влада со мандат од најмалку 100 дена. 

Името на техничкиот премиер е веќе познато, тоа е сегашниот спикер на Собранието Талат Џафери, на чие место во пленарната собраниска сала ќе седне пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

СДСМ ги одбра и дополнителните заменици министри, во МВР тоа ќе биде Митко Бојмацалиев сегашен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски додека во труд и социјална политика, тоа ќе биде актуелната министерка Јованка Тренчевска. 

На ВМРО-ДПМНЕ треба да му припаднат две министерски места во МВР и МТСП, како и три дополнителни заменици министри и иако одреден период се „вртат“ некои имиња, сепак од партијата најавија дека сите носители на функции во преодната влада ќе бидат познати по Божиќните празници. 

Засега се уште е енигма кој се ќе биде кандидат на претседателските избори, но и колку листи ќе има на гласачкото ливче на парламентарните избори. 

Согласно сигнали од двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, не би било изненадување да гледаме своевидна реприза на последните избори, кога за претседателското столче се бореа Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. 

Свој кандидат би предложил и Европскиот сојуз за промени, опозицискиот блок во албанскиот електорат, како и партијата Левица.

Кандидатури може да се очекува и од партиите ГРОМ на Стевчо Јакимовски, како и ЗНАМ на Максим Димитриевски, а се уште е непознато дали ДУИ би одел со свој кандидат или пак уште во првиот круг би застанала зад кандидатот што ќе го предложи СДСМ. 

Сега за сега неизвесно е и како ќе изгледа гласачкото ливче на парламентарните избори. 

Владејачката СДСМ веќе започна со повик за окрупнување на тнр Европски блок, а во месецот пред нас, органите и телата на партиите ќе треба да одлучат дали на парламентарните избори ќе настапат самостојно и во коалиција со досегашните партнери или ќе се оди со заеднички листи со ДУИ и Алијанса за Албанците. 

Од тоа како ќе се настапи на изборите сериозно ќе се влијае и на поделбата на мандатите, особено во шестата изборна единица која според опозицискиот сојуз во албанскиот гласачки блок, треба да биде нивно упориште. 

Сега за сега, ВМРО-ДПМНЕ дава сигнали дека на изборите ќе настапи со досегашните коалициски партнери.

На изборите за пратеници со свои математики влегуваат и Левица во првата, но и партијата на Максим Димитриевски во втората изборна единица, па оттаму не е за изненадување, претстојните парламентарни избори да бидат едни од најнеизвесните, каде за пратенички мандат ќе одлучуваат и неколку гласови. 

На економски план, 2024 година ќе донесе нов раст на платите, но и на пензиите. 

Во март оваа година, ќе следува ново зголемување на минималната плата, која согласно Законот за минимална плата ќе изнесува 22.500 денари. 

Тоа, очекувано ќе повлече зголемување на сите плати, па се очекува оваа 2024 година, просечната плата да надмине 40.000 денари, односно над 650 евра. 

Во март е првото од двете усогласување на пензиите, а иако нема конкретен процент и се уште е рано тој да се одреди, првите проценки покажуваат дека пензиите во март би требало да пораснат за близу 6 проценти, а второто зголемување на пензиите, како и секоја година ќе се случи во септември. 

На локално ниво, 2024 година е најавена како година на големи капитални проекти во општините. 

Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Велес, Битола, Прилеп, Штип, Гостивар, Струга, Струмица, се општините каде оваа година преку поддршка од централниот буџет, треба да започне изградба на детски градинки, училишта, локални патишта, спортски терени, пречистителни станици…

По неколку одлагања во 2024 година, се очекува конечно да заврши сагата со автопатот Охрид – Кичево, но и да има сериозен напредок во изградбата на делниците од Коридорите 8 и 10Д. 

Треба да знаете
Последни објави