Во 2023 година, половина милион мигранти поминаа низ џунглата Дариен на пат кон САД

Рекорден 520.000 мигранти, вклучително и околу 120.000 малолетни лица, поминале низ негостопримливата џунгла Дариен меѓу Колумбија и Панама во 2023 година на пат кон САД, објави панамската влада.

Според податоците на Министерството за јавна безбедност на Панама, низ Дариен минатата година поминале точно 520.085 лица, меѓу кои најмногу имало државјани на Венецуела (328.667), Еквадор (57.222), Хаити (46.558) и Кина (25.344).

Во колоната несреќници кои по овој пат се обидуваат да стигнат до САД, во потрага по подобар живот, има и Виетнамци, Авганистанци и жители на африканските земји.

На мигрантите им требаат три до шест дена да ја поминат оваа џунгла од 575.000 хектари, премин долг 265 километри.

Таму се соочуваат со многу опасности, вклучително и криминални банди.

Во ноември 2023 година, Лекари без граници објавија дека регистрирале повеќе од 400 случаи насилувани мигранти на пат низ Дариен. Меѓу жртвите 97 отсто се жени, а има и неколку девојки.

Во 2022 година, околу 248.000 мигранти поминале низ Дариен, според официјалните податоци на Панама.

За да се обиде да го спречи миграцискиот бран преку таа рута, Панама во септември објави низа мерки, вклучително и протерување на луѓето кои илегално влегуваат во земјата.

По преминувањето на Дариен, мигрантите преку Панама одат во Костарика, а оттаму преку Никарагва, Хондурас, Гватемала и Мексико стигнуваат до јужната граница на САД.

Треба да знаете
Последни објави