Бројот на загинати во земјотресот во Јапонија се искачи на 57

Бројот на загинати во силниот земјотрес во Јапонија денеска се искачи на 57, јавува Кјодо.

Неколку силни земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала, во понеделникот ја погодија јапонската префектура Ишикава на брегот на Јапонското Море.
Во земјотресот беа уништени куќи на полуостровот Ното, а во градот Ваџима избувнаа повеќе од 200 пожари.

Целосната големина на штетата се уште не е позната, бидејќи урнатините и блокираните патишта ги отежнуваат операциите за помош и спасување.

Предупредувањата за цунами за областите покрај Јапонското Море беа укинати утринава, откако највисокиот бран од најмалку 1,2 метри стигна до пристаништето Ваџима во понеделникот.
Досега се евакуирани повеќе од 57.000 луѓе.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека владата ја координира испораката на хуманитарна помош со брод.

Според него, околу 1.000 луѓе се ангажирани во спасувачките и хуманитарните операции.

Епицентарот на земјотресот бил на околу 30 километри од Ваџима на длабочина од 16 километри.

Земјотресот бил со интензитет од 7, што е највисоко ниво на јапонската скала со интензитет.
Земјотрес со таков интензитет последен пат беше регистриран во 2018 година на островот Хокаидо.

Треба да знаете
Последни објави