Парламентарните политички партии постигнале договор изборите следната година да се одржат на 8 мај, односно првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, додека вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај.
Ова го соопшти премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во изјавата за медиумите по лидерската средба во Собранието.
-Со претседателите на парламентарните политички партии имавме дискусија на повеќе теми важни за граѓаните и за државата. Разговаравме за евроинтеграцијата на Северна Македонија, за измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како и за датумот за редовните претседателски и парламентарни избори кои треба да се одржат во 2024 година, изјави Ковачевски.
Тој посочи дека на средбата ги информирал претседателите на политичките партии за статусот со процесот на скрининг за кој, како што потенцираше, се одвива успешно и според утврдената динамика.
-Разговаравме и за планот за раст со кој земјата и граѓаните ќе имаат можност конкретно да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ уште пред земјата формално да стане членка на Унијата. Разговаравме и за завршувањето на процесот на уставните измени, како и што кажав на лидерската средба, за нас, за СДСМ и коалициските партнери нема дилема дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ, дека европскиот пат е започнат како процес и дека тука нема застанување, дека ЕУ е нашата единствена алтернатива, рече Ковачевски.
Премиерот потенцираше дека прифаќањето на уставните измени остануваат единствениот предуслов за да се продолжи напред.
-Секое одлагање и ставање во неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство е исклучително неодговорна и опасна политичка одлука. Овој став го споделив на лидерскиот состанок со напомена дека уставните измени ќе останат да бидат обврска и за овој парламентарен состав и за секој нареден и секоја теза дека има некоја друга алтернатива за нашето членство во ЕУ е погрешна. Сега е време да се постапи правилно и да се донесат уставните измени, додаде Ковачевски.
Во однос на измените на Изборниот законик, Ковачевски рече дека препораките на ОБСЕ/ОДИХР се препораки во делот на законската рамка, постапката на приговор и жалбена постапка за заштита на избирачкото право, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансирањето на кампањата, медиумското претставување во изборниот процес.
Тој додаде дека измените кои ги разговарале се веќе усогласени и имплементирани во Предлог-законот.
-Овие чекори кои се преземаат со имплементирање на препораките а се со вклученост на сите политички чинители е одличен пример за добра координација и заедничка работа во насока на подобрување на изборниот процес и генерално на изборите во иднина. Што се однесува до процедурата, овие измени односно Предлог-законот, ќе биде доставен до координаторите на пратеничките групи со цел да влезе во собраниска процедура и да се изгласа навремено, додаде Ковачевски.
Во врска со датумот на изборите, Ковачевски изрази задоволство што по 17 години повторно ќе има редовни парламентарни избори. Како што рече, последните редовни парламентарни избори во нашата држава биле во 2006 година.
-Во интензивна комуникација со коалициските партнери, како и активно следење на ставовите на сите политички партии вклучително и разговори во работни групи кои работеа на измените на Изборниот законик согласно ОБСЕ/ОДИХЕ во кое учествуваа сите политички партии, она што го посочив е дека редовните претседателски избори има простор да се одржат на крајот на месец април, односно редовните парламентарни избори да се одржат на почетокот на мај. Секако мораме да ги имаме предвид и законските ограничувања, но и внимаваме на верските празници кои ни следуваат, а тие се всушност целиот месец април, кој е месец на Рамазан, а на самиот почеток на мај е Велигден. На средбата предложив термини за одржување на претседателските и парламентарните избори да се 24 април за прв круг претседателски избори и 8 мај за втор круг претседателски избори и воедно и парламентарни избори, посочи премиерот.
Согласно законот, како што рече, техничката влада, односно Пржинската влада, ќе ја има од 28 јануари.