Адвокатот на Палевски го однел во Белград заради преглед, тврди дека не знаел дека е осомничен за убиството на Вања

Васко Стојков, адвокат на, Љупчо Палевски – Палчо, кој е првоосомничен за организирањето на киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панчо Жежовски изјави дека тој лично го однел Палчо во Белград, на преглед, бидејќи немал возило.

Стојков во изјава за Телма да даде појаснување зошто бил со Палевски додека тој бегал од државата вели дека не знаел дека е одговорен за убиствата и сакал да му помогне да отиде на закажаниот преглед.

-Ме замоли да го однесам во Белград, бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар за да му се преведе возилото. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков: „Ќе те однесам“, не знаев за овие работи.

Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и ми рече ако е се во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред, рече ќе одел за Истанбул.

Кога се вратив полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав, изјави Стојков за Телма.

Според неговата изјава откако сфатил за што го сомничат Палевски му пратил порака да се врати и да даде исказ, бидејќи станува збор за сериозна работа.

Во изјавата не открива каков одговоро добил, но вели дека се и пренел на полицијата, а оттогаш повеќе немал контакт со Палевски.

Стојков изјави дека имал добра намера да му помогне на Палевски и дека откако дознал за што се работи се чувствува злоупотребено.

 -Јас сум адвокат и ако сум знаел што било сигурно немаше да го носам, изјави Стојков.  Инаку Љупчо Палевски Палчо е првоосомничен за убиствата на Вања и Панче.

Тој е првоосомничен организатор и реализатор на убиството на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче од Велес, а денеска на прес-конференцијата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски низ новинарските прашања за вмешаноста на Палчо, не го посочија конкретно со име и презиме, но одговараа на прашањата на кои изрично беше посочено неговото име како првоосомничен во грозоморните дела.

Спасовски дополни дека за лицето ќе биде издадена меѓународна потерница, а во однос на прашањето дали имаат некакви сознанија дека тој се обидува да пребегне во Русија, тој одговори негативно.

 

Треба да знаете
Последни објави