Шведска привремено ја прекина помошта за развој на палестинските територии по ненадејниот напад на милитантите на Хамас врз Израел во текот на викендот, изјави денеска шведскиот министер за развој Јохан Форсел.
Соседна Данска најави претходно денеска дека ќе направи пауза кога станува збор за испраќање помош за Палестина, објави Ројтерс.
Австрија и Германија во понеделникот објавија дека ја прекинуваат развојната помош за Палестинците.
Министрите за надворешни работи на Европската унија се состанаа денеска за да разговараат за поделбите меѓу нејзините 27 земји-членки околу тоа дали да продолжат со исплатата на помошта за Палестинците.
Овој состанок се одржа еден ден откако Европската комисија се повлече од најавата за суспензија на ваквата помош, иако во понеделникот европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Варгели, изјави дека целата помош во вкупна вредност од 691 милион евра доделена од Европската Комисијата за Палестинците беше суспендирана.