Search

Битиќи на СЕФФ: Мораме да го напуштиме веќе воспоставениот економски пристап на создавање зависности и да се фокусираме на меѓузависностите

Просперитетот, растот, развојот и издржливоста може да се постигнат преку создавање силни меѓузависности и заеднички акции. Мораме да го напуштиме веќе воспоставениот економски пристап на создавање зависности и да се фокусираме на меѓузависностите како победнички пристап на среден и долг рок, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на панелот „Пазари, институции и економски просперитет“ во рамките на третиот Скопје економско финансиски форум (СЕФФ) што денеска се одржува во Скопје.

Нагласи дека токму Европа се заснова на принципите на ЕУ за соработка и заедничко дејствување за да се обезбеди стабилност, а во исто време и просперитет и опкружување спроводливо за раст со цел да се постигне енергична економија со високи перформанси.

-Ова е Европа сега, бидејќи само жива економија со високи перформанси ќе им донесе можности на нашите граѓани, особено на нашите млади, да останат тука, градејќи ја својата иднина, своите семејства, во земјата каде што се родени. За да го подобриме нашиот пат кон создавање поживи и поотпорни економии, ние како креатори на политики треба да се фокусираме само на една единствена агенда – градење поконкурентни економии, рече Битиќи.

Посочи дека поконкурентните економии треба да се засновани на четирите основни слободи кои се суштината на создавањето на ЕУ: слобода на движење на стоки, работници, обезбедување услуги и капитал. Тоа, како што кажа, треба да го направат заедно сите во регионот на Западен Балкан и порача да се фокусираме на соработка на целиот регион за да ја достигнеме нашата цел – целосна економска интеграција во единствената ЕУ пазар.

-Само преку зајакнување на нашата заедничка конкурентност можеме да обезбедиме повисоки стапки на развој на нашите економии и да ги направиме подготвени за поголеми предизвици во нивната потрага да бидат присутни на меѓународните пазари во овие тешки и предизвикувачки времиња, преку градење силни институции, поддршка и промоција на малите и средните претпријатија и создавање на повеќе квалификуван човечки капитал. Морам дополнително да ја нагласам важноста од поддршката на Истражувањата и иновациите и пристапот до финансии кои се неизбежни на нашиот пат кон интеграција во глобалните синџири на вредности.

Како креатори на политики, додаде, треба да се водиме со визија да не се фокусираме само на економскиот раст како епицентар на нашите економски политики, туку и на економскиот развој кој се однесува на економската благосостојба и квалитетот на животот на една нација во поширока перспектива.

-Мора постојано да работиме на социјалната благосостојба на сите наши граѓани. Обезбедувањето еднаков пристап до образование, здравствена заштита и вработување е почетна точка за сите земји од Западен Балкан со цел да продолжат по нивниот пат за максимизирање на својот потенцијал. Визијата на денешните креатори на политики за иднината мора да биде комбинација на мерки што ќе ја комбинираат поддршката на економскиот развој, а паралелно ќе креираат мерки за поддршка, или можеби посоодветно да се каже за диверзификација на социјалната кохерентност помеѓу различните општествени групи кои живеат меѓу нас. Ова е мојата визија како денешните креатори на политики овде во нашиот регион, а можеби и повеќе во целиот свет треба да се држат до оваа комбинација на економски развој и социјална благосостојба со цел да обезбедат подобар живот сега и подобра иднина за сите, истакна Битиќи.

За да постигнеме инклузивен раст и развој, како што кажа, мора да признаеме дека човечкиот капитал е вистинскиот креатор на вредноста, а интересите на нашите граѓани треба да бидат истакнати во дискусиите за распределбата на приходите и богатството.

-Клучна состојка на развојот е и ќе биде финансирањето. Меѓународното финансирање е камен-темелник во потрагата на Западен Балкан за интеграција во Европската унија. Меѓународните фондови од институциите како Европската инвестициска банка, ЕБОР и Светска банка се од суштинско значење повеќе од кога било за стимулирање економски развој, институционално зајакнување, унапредување на инфраструктурата, правни и судски реформи, еколошка и енергетска транзиција, социјален развој и благосостојба, прекугранична соработка, отпорност на кризи и стабилност, рече Битиќи.

Треба да знаете
Последни објави