Заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар утре доаѓа во Скопје, неколку дена откако се отвори и затвори седницата за уставните измени.
Покрај средбите со државниот врв Ескобар ќе се сретне и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и тоа ќе биде средбата кон која ќе се сврти најголемото внимание на јавноста.
Мицкоски јасно кажа дека уставни измени нема да поддржи, а синоќа во обраќање пред членството драматично најави дека светот и Европа правеле планови како да го скршат него и неговата партија.
Сепак, денеска во посмирен тон, Мицкоски за посетата на Ескобар вели дека е добредојден секој добронамерен соговорник, додавајќи дека не очекува да има какви било притисоци.
Но, Ескобар не би прелетал илјадници километри само за да се сретне со Мицкоски и за очекување е на средбата да дојде со конкретна понуда на масата, во надеж да се дојде до решение кое ќе значи продолжување на евроинтегративниот процес на Македонија, што за нашиот стратешки пријател САД е високо на агендата.
Дали мисијата на Ескобар ќе биде успешна, ќе се знае веќе по првиот јавен настап на Мицкоски по средбата.