Претставниците на синдикатите изјавија дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет не е постигнат договор со Владата за методологијата за усогласување на платите. Предлогот на синдикатите е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат процентуално зголемување на платите. Синдикатите бараат и враќање на платите на функционерите, а зголемувањето да биде исто за сите.
– Тоа што ние предложивме е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор, од најниската категорија на работно место до највисоката, претседател на државата, и сите да добиеме процентуално зголемување на платите, рече во изјава за медиумите претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Тој рече дека нијанси се во прашање, меѓутоа тие нијанси се навистина големи за навистина да се далеку од решение, но рече дека има поместување од „мртва точка“ од страна на Владата и Министерството за финансии во поглед на нивните предлози и забелешки.