Search

Рекорден број странци добија германски пасош минатата година

Во Германија минатата година повеќе од 168.000 странци добиле германски пасош, што е најголема бројка во последните 20 години.

Ова е за 28 отсто повеќе од една година претходно, соопшти Сојузниот завод за статистика во Визбаден, истакнувајќи дека во последните 20 години не се регистрирани толку многу нови жители, пренесува Дојче веле.

Минатата година германско државјанство добиле 168.545 лица, 171 националност и со тоа го оствариле правото да добијат германски пасош.

Повеќето од „новите Германци“ се дојденци од Сирија. Со учество од 29 отсто, 48.300 сириски државјани ја сочинуваат најголемата група на натурализирани лица во текот на изминатата година.

Многумина од нив избегаа од Сирија во Германија за време на граѓанската војна. По Сиријците се Украинците, Ирачаните и Турците.

Прогнозата на експертите за 2023 година е дека може да се очекува бројот на новопристигнати да продолжи да расте, делумно поради тоа што владејачките партии СПД, Зелените и ФДП сакаат суштински да го променат Законот за државјанство.

Владејачката коалиција смета дека на Германија итно и треба квалификувана имиграција и сака да им дозволи на луѓето кои веќе живеат таму да се интегрираат и да добијат државјанство.

Во основа, се предвидува пократок минимален престој за натурализација – наместо осум години, тој треба да биде пет години, а во случај на „посебни интеграциски достигнувања“ само три.

Покрај тоа, апликантите повеќе не треба да бидат принудени да се откажат од своето претходно државјанство за да добијат германско. Во принцип, тоа би значело легализација на двојното државјанство.

Во Германија живеат околу шест милиони странци кои повеќе од осум години се во таа земја. 

Треба да знаете
Последни објави