Search

Бугарската амбасадорка во Израел одбила да се појави на конференција за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка

Бугарската амбасадорка во Израел не присуствуваше на конференција за историјата на бугарскиот холокауст, вклучително и за депортацијата на македонските Евреи што се одржа минатата недела. Како што објави „Тајмс оф Израел”, пренесувајќи информација на Еврејската телеграфска агенција, организаторите изјавиле дека одлуката на амбасадорката да се откаже од настанот е резултат на обидите на нејзината влада да ја избрише од историјата екстрадицијата на 11.000 Евреи во Втората светска војна од денешна Македонија.

Портпаролот на бугарската амбасада за Еврејската телеграфска агенција изјавил дека амбасадорката Румијана Бачварова добила „покана во последен момент да присуствува конференцијата“ и дека таа „решила дека е добро разговорите и дискусиите да останат на експертско ниво, без какво било политичко присуство или учество“.

Тридневниот настан, насловен „Прогонство и соработка, спасување и преживување: Нови перспективи во врска со Бугарија и Холокаустот 80 години подоцна“, беше организиран од Јад Вашем, Универзитетот Бар-Илан и Кинотеката во Тел Авив токму на 80-годишнината од протестите во Бугарија со кои е спречена депортацијата на бугарското еврејско население.

Но, истакнати историчари не забораваат да потсетат дека кралот Борис III пратил повеќе од 11 000 други Евреи во нацистичките логори од подрачјата окупирани од Бугарија, а кои се денешна Северна Македонија. Тоа е приказна со која Бугарија не сака да се соочи, велат критичарите.

-Ужасната вистина е дека бугарската влада на царот Борис III, а не нацистичка Германија собрала 11 343 Евреи од Македонија, Тракија и Пирот и свесно ги испратила да бидат убиени во Треблинка. Тоа е историски настан што не бара дополнително појаснување. Со одбивањето дури и да ги поздрави учесниците на конференцијата, амбасадорката Бачварова, можеби дејствувајќи по наредба, се чини дека има намера да продолжи со замаглувањето на историјата на нејзината влада со континуираното одбивање да признае дека Бугарија ја има крвта на овие 11 343 Евреи на својата совест“,изјави историчарот Менахем Росенсафт кој го одржа главниот говор на настанот, за Еврејската телеграфска агенција.

Организаторот на настанот и режисер Џеки Комфорти, автор на „Украдениот наратив на бугарските Евреи и холокаустот“ (2021) изјави дека пристапот на Бачварова кон историјата е „пропагандно ориентиран“. Тој додава дека во бугарските „неонацистички кругови“ често може да се прочита дека „Евреите не се благодарни што биле спасени“.

Според Комфорти, Бачварова и претходно била поканета на настан додека се снимал неговиот филм за овие настани, но таа рекла дека нема да присуствува бидејќи тоа бил анти-бугарски настан.

Треба да знаете
Последни објави