Search

Премиерата на филмот „Некрстени денови“на Иво Трајков вечерва во Кинотека ќе го означи почетокот на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал под мотото „Сè е филм, во множина“

Со премерата на филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков, вечерва во 20 часот во Кинотеката на С. Македонија ќе започне 13. издание на  Филозофскиот филмски фестивал. Режисерот Трајков е  еден од ексклузивните фестивалски гости со кого публиката ќе има можност да се вклучи во дискусија по прикажување на филмот. Како увертира на проекцијата ќе биде одржан музички перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на Новиот македонски бран на џез музика.

Фестивалот кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, во осумте фестивалски дена (2-9 јуни) во Кинотеката на С. Македонија,  на публиката ќе ѝ понуди 40-тина филмови, 50-тина настани, а ќе има 15-тина гости.  

Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови, сите за првпат во Македонија, меѓу кои и една македонска ко-продукција. Имено, станува збор за погоре споменатиот филм („Некрстени денови“) на нашиот познат режисер Иво Трајков („Големата вода“, „Медена ноќ“), кој долги години живее, твори и предава на престижната FAMU во Прага. „Некрстени денови“ плени со раскошна визуелност и со апокалиптичката приказна сместена во предворјето на Втората светска војна.

Како дел од натпреварувачката програма од утре ќе бидат прикажани, колумбискиот филм „Кралевите на светот“ на Лаура Мора, јапонскиот „План 75“ нарежисерката Чие Хајакава, потоа, уште еден силен дебитантски филм, „1976“,овојпат на младата чилеанска режисерка Мануела Мартели, иранскиот „Последниот снег“ на Амирхосеин Асгари. Последниот филм од долгометражната филмска селекција е поврзан со специјалниот гостин на годинешното издание на Фестивалот, односно последното филмско остварување на светски познатиот режисер, Кшиштоф Зануси, „Совршен број“ – филм кој ќе го претстави самиот режисер во Скопје. Во двојната конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм, ќе бидат 15 филмови од повеќе земји во светот: САД, Канада, Финска, Јужна Африка, Холандија, Португалија, Костарика, Полска, Унгарија, Швајцарија, Кина и Грција. Пред почетокот на првата вечер од проекциите на краткометражни филмови, а како дел од Фокусот Годар, ревијално ќе биде прикажан неговиот краток филм „Во темнината на времето“.

Филозофскиот филмски фестивал е еден од ретките филмски фестивали во светски рамки штопродуктивно ги истражува плуриперспективните димензии на релацијата меѓу филозофијата и филмот.

Треба да знаете
Последни објави