Search

Косовската претседателка откри детали од разговорот со Вучиќ: Негодуваше и се жалеше

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, раскажа каква била нејзината вчерашна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Молдавија. Таа тврди дека средбата имала информативен карактер и оти не станало збор за преговори, а била одржана на барање на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

На средбата, покрај Макрон и Шолц, присуствувал и Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, а Османи кажала дека од Косово се побарани нови избори на север, пренесува „Аваз“.

„Не планирав да се сретнам со Вучиќ. Се разбира, дијалогот меѓу Косово и Србија е во тек во Брисел“, рече таа.

„Средбата дојде на инсистирање на европските лидери. Како претседателка на Косово, сакав да ја покажам конструктивноста што е доблест на нашиот народ и дека можеме да разговараме со сите. Не е првпат да се сретнам со Вучиќ на ваква средба. Морам да кажам дека оваа средба, која се одржа на инсистирање на претседателот Макрон и канцеларот Шолц, не беше преговарање, туку средба на која разменивме мислења. Вучиќ се жалеше и негодуваше и секако не ја кажуваше вистината“, продолжи таа.

Како што кажа, ситуацијата на северот на Косово и понатаму е главна тема на нејзините средби со европските лидери.

„Имав трилатерална средба со претседателот Макрон и канцеларот Шолц. Борел се приклучи на состанокот и детално разговаравме за предизвиците со кои се соочуваме и кои се некои од опциите што можат да не натераат да одиме напред“, најави таа.

„Во овој момент клучно е Србија да престане да ги поддржува криминалните групи кои предизвикуваат најголем дел од проблемите на северот и поширокиот регион. Ова е предуслов за деескалација на ситуацијата. И второ, целосно спроведување на Договорот постигнат во Охрид, бидејќи Вучиќ повеќепати кажа дека нема намера. Го прекршил најмалку осум пати и затоа е клучно да има јасна порака од ЕУ“, заклучи косовската претседателка.

Треба да знаете
Последни објави