Search

Јавна дебата во Струмица за Законот за родова еднаквост

 Еднаквоста на мажите и жените, концептот на родова еднаквост, концептот на еднаков родово буџетирање, концептот на родово базирано насилство се приоритети на Владата и Министерството и на сите останати институции и токму тоа е мотивот да работиме на нов закон со кој ќе дадеме нови можности, нови перспективи и на институциите и на локалните самоуправи да работат на еднаквоста на мажите и жените, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната јавна дебата по предлог Законот за родова еднаквост што се одржа во Струмица.

Во однос на реакциите кои ги предизвика ова предлог-законско решение и дали ќе се прифатат забелешките, како и исфрлањето на терминот родова еднаквост во општините Струмица и Ново Село, Тренчевска смета дека целата забуна во предлог -законот настанала со спојување на две предлог-законски решенија во едно.

-Всушност, во законот за измени на Законот за матична евиденција се зборува за правното признавање на родот, меѓутоа ова исто законско решение кое беше испратено во собраниска процедура е повлечено токму од нас, од Владата, за да се стават дополнителни механизми коишто ќе обезбедат правото да дојде до тие на кои им треба. Законот за родова еднаквост на зборува за правно признавање на родот, туку зборува за родовите механизми кои постојат на локално ниво, во Собрание, во органите на државната управа. Има одредби со коишто се подобрува функцијата и надлежноста и плус се создаваат нови надлежности за да се зајакнат овие механизми. Зборува за родово базираното насилство и родовата интеграција, рече министерката.

Во однос на повлекувањето на терминот родова еднаквост, Тренчевска подвлече дека државата од 1995 година работи на родова еднаквост и првиот механизам кој бил формиран во Министерството бил во 1997 година и како држава уште оттогаш сме се обврзале да работиме на родовата еднаквост. Додаде дека се донесени две стратегии за родова еднаквост и затоа таа не гледа логичност во бришењето на зборовите родова еднаквост.

-Родовата еднаквост е концепт кој постои во демократските држави за да овозможат еднакви можности, одговорности и права на сите граѓани. Да го превенираат родово базираното насилство и да овозможат на секој граѓанин во општеството да живее праведен живот со дигнитет и да му се почитуваат основните човекови права, додаде Тренчевска, нагласувајќи дека тука завршуваат сите манипулации околу овие прашања.

Таа информираше дека досега се одржала 18 јавни дебати и дека сите забелешки ќе бидат разгледани и доколку се издржани ќе бидат прифатени.

На денешната масовно посетена јавна дебата можеа да се слушнат различни забелешки, кои во најголем дел се сведуваа на барања за повлекување на предлог законското решение и прецизно дефинирање што е маж и што е жена.

Според Владиката Јаков од Струмичката Епархија, која преку јавни трибини реагираше на предлог Законот на родова еднаквост, законот претрпел неколку измени во некои верзии во, како што рече, „некој личен лап-топ“, додека на ЕНЕР се гледала истата верзија која тој ја критикувал.

-На другите јавни дебати гледаме како Министерството со сарказам се обраќа кон граѓаните дека не ја прочитале верзијата и дека имало друга верзија. Министерката повторно изјави дека имало објавен закон на страницата на Министерството и проверивме дека е објавен вчера попладне. Каде е транспаретноста? Ние на ЕНЕР гледаме една верзија и се бришат спорни дефиници. Сега во новата верзија стои родов идентитет. Јас сум сигурен дека и тоа ќе го избрише министерката, но тоа не треба да не опушти. Треба да остане поимот род и да остане Секретаријатот за спроведување на законот, која е супер моќна инкивизициска структура, која ќе го спроведе и ќе го испрати во собраниска процедура и во подзаконските акти кои ќе ги има еден милион, рече Владиката Јаков.

Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, во обраќањето на трибината истакна дека ја поздравува намерата на Министерството за труд и социјална политика вторпат да го отвори прашањето околу Законот за родовата еднаквост, но во исто време како човек и како градоначалник имам обврска да ги штитам моите сограѓани.

-Кога одредени институции, невладини организации ќе се обидат на било кој начин да ги навредат струмичани, тргнете ме мене на страна, јас во духот на христијанството им простувам на сите, секој грев има и покајание, но не можам, а да не прашам уште еднаш до каде е извинувањето на одредени невладини организации коишто на најбрутален начин се обидоа да ни ја оцрнат Македонската православна црква, посебно Струмичката епархија, затоа што чувствата се повредени не само на православните христијани, туку чувствата се повредени на муслиманите и на протестаните, католиците, буквално на сите дури и на атеистите коишто црквата ја третираат како објект од културно наследство. Во таа смисла, очекувам во најмала рака и уште еднаш повикувам на извинување, рече Костадинов.

Веќе подолго време се води дебата за предлог Законот за родова еднакавост на социјалните мрежи со меѓусебни обвинувања на тие што се против законот и тие што го поддржуваат, а на денешната јавна дебата можеа да се слушнат различни забелешки на кои министерката Тренчевска даваше детални објаснувања. 

Треба да знаете
Последни објави