Search

Севиља по пенал рулетот подобра од Рома за седми трофеј во Лига Европа

Вистински спектакл следеа навивачите на „Пушкаш арената“ во Будимпешта. Во финалето на Лига Европа се сретнаа Севиља и Рома. По 90 минути игра немаше победник. Со оглед на тоа што натпреварот заврши со резултат 1:1, шампионот се доби со пенал лотарија. Таму подобро се снајде шпанскиот тим кој упати и погоди четири удари од „белата точка“, а само еден Италијанците.

Тоа беше дуел на две екипи со импресивна статистика. Севиља никогаш не загубила финале во Лига Европа, има одиграно шест, додека Жозе Мурињо никогаш не загубил европско финале, сето тоа гарантираше возбудливо финале, а тоа го добија и навивачите. По големата драма, една од тие традиции беше прекината.

Првото полувреме беше полно со возбудувања. Најпрво одлична прилика имаше Леонардо Спинакола во 12. минута, но Бону беше присебен и одлично реагираше.

Мирно беше до 35. минута кога Рома ја шокираше Севиља. По брзо изведен прекин Паоло Дибала беше брилијантно проигран во средината и успеа да стигне до топката меѓу чуварите и го матираше Бону за 1:0. Иван Ракитиќ во самиот финиш ја погоди стативата на голот на Рома.

Рома на почетокот на вториот дел и ја предаде иницијативата на Севиља, имаше неколку излети на ривалската половина, а потоа од 55. минута Шпанците израмнија.

Иван Ракитиќ испрати одлична топка по десната страна, но Џанлука Манчини несмасно реагираше и ја упати топката во сопствената мрежа.

Италијанците беа бесни по одлуката на Ентони Тејлор да досуди пенал откако Ибанез го собори Лукас Окампос. Сепак, откако го прегледа видеото на ВАР, тој ја промени својата одлука.

Како што се приближуваше крајот на мечот, тензиите растеа. На другата страна, во 81. минута Ентони Тејлор не досуди пенал за Рома, иако топката удри во рака во играч на Севиља.

Во последната, шеста минута од продолжението, Севиља имаше напад за победа, Шпанците се заканија преку Сусо и Фернандо, но без промена на резултатот.

Во првото продолжение ниту една екипа не сакаше да ризикува. Го чекаа киксот на противникот, но не го видоа, резултатот беше 1:1.

И по второто продолжение немаше голови, па шампионот во Лига Европа беше решен со пенал лотарија.

Севиља таму подобро се снајде. Бону го одбрани ударот на Манчини, а по третата серија Бону го одбрани шутот и на Ибанез. Победата на Севиља ја донесе Монтиел кој погоди во вториот пат, откако судиите го повторија казнениот удар бидејќи Руи Патрицио со двете нозе беше пред гол линијата пред да бие Аргентинецот и ја одбрани топката.

Треба да знаете
Последни објави