Search

Остин: САД и Јапонија работат на модернизирање на воениот сојуз

Соединетите Американски Држави и Јапонија работат на модернизирање на нивниот воен сојуз наспроти заканите од Кина, Северна Кореја и Русија, изјави во Токио американскиот министер за одбрана Лојд Остин.

Високиот американски функционер е во посета на Токио каде што ќе одржи кратки билатерални разговори пред да се упати на самитот за безбедност во Сингапур.

Во пресрет на средбата со јапонскиот колега Јасуказу Хамада, Остин потсети дека нивните две земји се соочени со заеднички предизвици поради „насилното однесување на Кина, опасните провокации на Северна Кореја и суровата војна на Русија во Украина“.

„Но, нас не обединуваат заеднички интереси и заеднички вредности. Спроведуваме важни мерки за модернизација на нашиот сојуз и поуспешно одвраќање“, додаде Остин.

Тој ја спомена трилатералната соработка со Австралија и Јужна Кореја и зголемувањето на динамикатаи обемот на воените вежби.

Американските и јапонските сили се повлијателни, помоќни и поподвижни, додаде Остин, пофалувајќи ја одлуката на Јапонија да се подготви за контранапад и да го подобри споделувањето информации со Вашингтон.

Остин пристигна во Јапонија вчера, неколку часа откако Северна Кореја се обиде, неуспешно, да лансира шпионски сателит користејќи технологија забранета со резолуциите на ОН.

Кон крајот на 2022 година, Јапонија, која има мирољубив устав, објави голема промена во својата национална безбедносна доктрина, најавувајќи дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана на 2 отсто од БДП до 2027 година, нарекувајќи ја Кина стратешки предизвик без преседан за нејзината безбедност.

Треба да знаете
Последни објави