Search

Ковачевски- Речан: Единствено целосно обединета Европа ќе овозможи безбедна и стабилна иднина за целиот континент

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, придружуван од вицепремиерот Фатмир Битиќи, на маргините од вториот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија се сретнаа со премиерот на Молдавија, Дорин Речан. 

Во фокус на разговорот беа повеќе теми, меѓу кои билатералната соработка, евроинтеграциските цели на двете земји, како и безбедносните предизвици во Европа. 

Премиерот Ковачевски потенцира дека Молдавија и Северна Македонија делат ист стратешки надворешно-политички приоритет – членство во ЕУ. 

Притоа, упати честитки за стекнатиот кандидатски статус на Молдавија во ЕУ, доделен минатата година.

Двајцата премиери го истакнаа значењето на евроинтеграцискиот процес во функција на зацврстување на мирот, стабилноста и просперитетот на целиот европски континент.

Притоа, премиерот Речан истакна дека Република Северна Македонија го заслужува своето место во Европската Унија, што на земјата секако ќе и донесе подобра иднина. 

Воедно тој потенцираше дека како земја користат искуство на Северна Македонија, во успешно водење политики, како за визната либерализација со ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави