Search

Претседателот Пендаровски го посети скопското средно училиште „Цветан Димов”

Денес ми е посебна чест да бидам со вас на отворениот ден на Средното  училиште на град Скопје „Цветан Димов”. Овој собир е убава можност за сите вас да се запознаете со наставните планови и програми на училиштето, насоките кои постојат, наставниот кадар и самиот простор во кои се одвива наставата. Сево ова треба да им помогне на полуматурантите, се разбира, со поддршка на нивните родители да го одберат училиштето, во кое ќе ги поминат средношколските денови.

Постои една изрека која вели дека во животот на секој човек најубави се годините што сме ги поминале во училиште, а, според мене, средношколскиот период е најдинамичен и најинтересен. Тоа е период кога се преминува од светот на децата во светот на возрасните. Средношколците имаат многу идеи, многу енергија и желби за иднината. Токму во средното училиште се доизградуваме како личности, го градиме својот интегритет како луѓе, почнуваме да препознаваме што сакаме да бидеме во животот и особено важно, создаваме другарства и пријателства кои траат со години.

За мене, оваа посета на „Цветан Димов”, има и посебно емоционално значење, затоа што токму тука ги поминав моите средношколски денови и со голема радост и задоволство се сеќавам на тој период од мојот живот. Во тоа време имав чест и привилегија, во „Цветан Димов” да ми предаваат професори кои освен знаење и вештини ни даваа и љубов и внимание и кои знаеја како да го направат наставниот материјал интересен за учење.

Ова сакам посебно да го нагласам, важно е во училиштата, освен солидно образование, да имаме можност да добиеме и добро воспитание. Покрај родителите и семејството, учителите и професорите се најважниот фактор за правилно воспитување на младите луѓе и усвојување на моралните вредности.

На страна мојата кариера, сигурен сум дека образованието и воспитувањето што ги имам добиено на времето од моите професори во тогашната гимназија Цветан Димов ми помогнаа да се изградам во морална личност, во човек кој никогаш не ги делел луѓето по вера и нација и кој секогаш покажувал солидарност кон оние меѓу нас на кои им треба помош и поддршка.

Колку што сум информиран, сега имате и понуда со навистина голем број на  интересни насоки, настава која се одвива на два јазици и  навистина мислам дека Средното училиште на град Скопје „Цветан Димов” е одличен избор за вас.

Најискрено ви посакувам да уживате во средношколските денови, да бидете што е можно повеќе во интеракција едни со други. Дружете се повеќе во живо, а помалку на социјалните мрежи, на интернет и на мобилни телефони, спортувајте, читајте, информирајте се и помагајте си едни на други. Прашувајте, истражувајте, бидете слободни и свои и придонесувајте во светот во кој сите ние живееме да има повеќе мир, повеќе слога и повеќе среќа за секого.

Треба да знаете
Последни објави