Search

Битиќи: Домашната берза на електрична енергија ќе значи стабилност за домашните и странските инвеститори

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на отворањето на МЕФ енергетскиот форум во Скопје истакна дека регионалната конкурентност и поврзаност се клучни за развој на регионот, во поширока смисла на зборот.

-Во оваа насока покрај засилените инвестиции во патната инфраструктира, во последните 5 години, засилено се работи и на енергетско поврзување, преку, изградба на интерконекторот со Албанија со кој ќе се комплетира коридорот 8 за пренос на електрична енергија Исток – Запад, помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Дополнително, државата будно ги следи трендовите во изградба на фотоволтаични централи, кои земаат голем замав не само во нашата земја туку и во соседството, и нашиот систем оператор МЕПСО работи на зголемување и на капацитетот на пренос на електрична енергија по коридорот 10, преку зголемување на капацитетот на интерконекторот Битола-Лерин, кој треба да биде удвоен во наредните неколку години, кажа Битиќи.

Според вицепремиерот, Владата на Република Северна Македонија работи и на диверсификација на снабдувањето со природен гас, преку градење на интерконектор со Грција.

-Преку него ние ќе обезбедиме гас за наредните 15 години. Тоа за нас значи дека нема да бидеме зависни само од руски гас кој доаѓа преку интерконекторот со Бугарија, туку за нас ќе е достапен и гасот од ЛНГ терминалот во Александруполи. Регионалната поврзаност се случува и во насока на изградба на интерконектори за гас и со останатите соседи, што покрај диверзификација, за нашата земја ќе значат дека сме на енергетската карта, поставени како хаб на Балканот. Сето ова го правиме за безбедноста на нашата иднина, креирање на предвидувачка околина за бизнисот како и поевтини енергенси за нашите домаќинства, потенцира Битиќи.

Тој додаде дека покрај одржливото и зелено производство на енергија, важно е и зголемувањето на ефикасноста на потрошувачката на енергија.

-Особено задоволство ми е да споделам со вас дека оваа година Република Северна Македонија, воспостави сопствена берза на електрична енергија, со која раководи МЕМО, а која ќе овозможи транспарентно тргување и придружување на еден високо конкурентен и динамичен Европски пазар на електрична енергија. Берзата значи стабилност и за домашните и странски инвеститори, а за државата нови странски инвеститори кои се охрабруваат да инвестираат во обновливи извори на енергија. Целосно либерализираниот енергетски пазар, со веќе формирана берза на електрична енергија, отвореноста како за странски така и за домашни инвеститори, поедноставените административни процедури за поставување на фотоволтаици и сите други мерки кои оваа Влада ги носеше во изминатиот период, ми даваат за право да констатирам дека се движиме во вистинската насока, креирајќи додадена вредност, го отворивме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина за нашата држава, заклучи вицепремиерот.

Треба да знаете
Последни објави