Search

Костадиновска Стојчевска: Крушево годинава станува регионален и европски културен центар

Со претставување на големиот македонски уметник, сликарот Никола Мартиновски во галеријата Мартиновски и со концерт пред Македониумот синоќа во Крушево беше официјално отворена манифестацијата „Крушево, град на културата“ под мотото „Крушево – жив тестамент на културата“. Манифестацијата беше отворена пред амбасадори, посетители, граѓани, пред пријатели на Крушево.

-Од денеска градот музеј на македонската историја, ќе биде центар и на македонската култура. Нашето убаво Крушево ќе биде „Градот на културата”, кој со богатата програма, ова живописно место, полно со природни убавини и спортски актракции, ќе го направи вистинско уживање за посетителите, но ќе привлече уште помногубројни гости.На Крушево му требаше само една формална титула за Град на културата, зашто Крушео, самото по себе е живописно, уникатно и е жив тестамент на културата на историјата, на нашиот идентитет. Оваа година славиме 120 години од Илинденското востание и Крушево уште еднаш ќе биде центар на вниманието, како што и заслужува. Оваа, ќе ја наречам круна, е само оддавање признание на сите вредности кои Крушево ги носи, изјави министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која и официјално ја отвори манифестацијата.

Таа додаде дека културната понуда на Крушево ќе биде неисцрпна приказна која ќе води низ тесните улици и пространите предели во кои живее историјата со здивот на сегашноста.

Костадиновска-Стојчевска информираше дека во Крушево ќе бидат реализирани голем број културни активности, кои ќе го промовираат градот како културен и туристички центар не само во регионот туку и во Европа. Градот ќе понуди околу 60 културни настани кои двојно ќе ја зголемат посетеноста на највисокиот историски и туристички град во земјава.

– Годинава овде ќе ја одбележиме и 120-годишнината од Илинденското востание, но ќе биде одбележан и Денот на ослободувањето на градот, наедно и на државноста, 8 Септември. Ќе ја славиме Крушевската Република, делото од светските каталози на архитектонско-уметничката двојка Грабулоски, песните на Тоше и староградските звуци, ќе имаме современи перформанси и гастрономски специјалитети, а сето тоа заедно ќе го направи Крушево културен и туристички центар и за целиот регион Сега очекуваме уште поголем број посетители да ги запознаеме со вредностите на Крушево, рече градоначалникот Томе Христоски.

Двојно поголема посетеност очекува и директорот на Историски музеј од Крушево, Тома Тана.

-Крушево е нашата историја. Имаме шест музеи, шест споменици на историјата и културата и очекуваме голема посетеност. Музеите постојано се отворени за посета и да ги раскажат приказните, изјави Тома Тана.

Концертот „Безвременска хармонија“ со евергрини пред Македониумот во чест на отворањето на манифестацијата „Крушево-град на културата“ го изведе Камерниот оркестар на Битола во придружба на хор и единаесет солисти.

Треба да знаете
Последни објави