Search

Телефонски разговор Ковачевски – Мелони: воздушната НАТО патрола над нашето небо ќе ја реализира Италија, имаме целосна поддршка за евроинтеграциите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во телефонски разговор со премиерката на Италија, Џорџија Мелони, разговараше за повеќе актулени прашања за нашата држава и за регионот.

Во фокусот на телефонскиот разговор, помеѓу премиерот Ковачевски и премиерката Мелони, беше претстојното патролирање на македонското небо, од страна на италијанските воздухопловни сили. Овој процес е согласно НАТО принципите на заменливост, а премиерите разговараа околу усогласувањето на потребниот технички аранжман помеѓу двете држави, по чиешто потпишување Италија и официјално ќе биде вклучена во оваа НАТО мисија над македонското небо.

Во разговорот, премиерот Ковачевски, изрази жалење за жртвите во полавите што зафатија делови од Италија овој месец, за што Северна Македонија веќе понуди тимови за помош во санирањето на последиците, во форма каква што е потребна и можна.    

Премиерот Ковачевски се заблагодари за зајакнатата улога и лидерството на Италија, кога се работи за европските перспективи на Северна Македонија и на регионот, односно за тоа што новата Влада, којашто ја предводи премиерката Мелони, го постави Западен Балкан високо на приоритетите во надворешната политика. Во разговорот беше посочено дека Италија целосно ја поддржува интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО и дека процесот на европско обединување нема да биде комплетен без земјите од Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски и премиерката Мелони, го истакнаа значењето на следниот чекор на Северна Македонија во европските интеграции, со изразено очекување сите политички лидери и субјекти во земјава да ја имаат предвид важноста на евроинтеграцискиот процес.

Во телефонскиот разговор, премиерот Ковачевски ја поздрави одлуката на Европската Унија со која стратешкиот инфраструктурен проект Коридорот 8 влезе во мрежата главни коридори во регионот и во Европа.

Во таа насока премиерот Ковачевски ја нагласи важната улога на Италија во истакнувањето на значењето на Коридорот 8, кон чијашто реализација е силно посветена и Северна Македонија.

Во разговорот е констатирано и дека оваа година Северна Македонија и Италија одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, што е голем јубилеј којшто дава мотив за натамошна засилена соработка.

Оценето е дека политичките односи се традиционално добри и пријателски, а економската соработка го одржува долгогодишниот тренд во којшто Италија континуирано се наоѓа на листата десет држави со коишто Република Северна Македонија има најголем обем на трговска размена.

Треба да знаете
Последни објави