Search

Се одложува ротацијата на премиерското место во Романија поради штрајкот на наставниците

Нема да поднесам оставка како премиер на Романија и нема да има ротација на владата додека не ги решиме проблемите со образованието и не прекине штрајкот на наставниците. Ова на вонредна прес-конференција го соопшти актуелниот премиер на државата, Николае Чука, заедно со другите двајца лидери на владината коалиција – претседателите на Социјалдемократската партија и на Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија.

Чука денеска требаше да се повлече од премиерската функција за да му ја предаде палката на претседателот на Домот на пратеници и лидер на социјалдемократите Марсел Чолаку и да ја изврши ротацијата на власта меѓу коалициските партнери.

– Нема да поднесам оставка и да бегам од одговорност додека не се реши кризата, нагласи Николае Чука. Тој информира дека од 2022 година до денес се издвоени осум милијарди леи за реформи во образованието и апелираше на рационалност до наставниците кои протестираат.

– Тоа се проблеми наталожени со текот на времето, 30 години. Не можеме веднаш да ги доделиме парите што ги бараат, додаде Чука.

Романскиот премиер истакна дека благодарение на воспоставената стабилна коалиција и политичката стабилност, земјата досега можеше да се справи со енергетската криза и да се справи со последиците од војната во Украина и ефектите од инфлацијата. Николае Чука информира дека во првиот квартал од годинава Романија имала трет највисок економски раст во Европската Унија.

Чука беше поддржан од неговиот иден наследник на функцијата – Марсел Чолаку, кој изјави дека најавената одлука е исправна и дека промените во владата не можат да се вршат во тензична атмосфера.

„Тоа е одлука што ја носиме заедно. Прифативме дека приоритет број еден во владината програма се наставниците и здравствениот систем. Заедно ќе продолжиме, јас ја претставувам законодавната власт, вие ја претставувате извршната власт, ќе се обидеме да го решиме овој проблем, но мора да имаме и баланс“, рече претседателот на Домот на пратеници и лидер на Социјалдемократската партија. 

Треба да знаете
Последни објави