Search

Додик: Република Српска нема да испраќа оружје во Украина

Република Српска нема намера да ѝ испорачува оружје на Украина, изјави претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во интервју за РИА Новости.

Одговарајќи на прашање за ризиците западното оружје од Украина да стигне до црниот пазар на европските земји, вклучително и на Балканот, Додик рече дека таква опасност постои.

„Гледаме како одредени земји, под влијание и притисок на НАТО, сега ѝ го испраќаат своето оружје во Украина. Република Српска не го прави тоа и нема намера да доставува оружје“, рече тој.

Додик пред три дена  се сретна со Путин во Москва. Тој посочи дека разговорите со Путин биле успешни, дека се разговарало за актуелната ситуација, регионалните и глобалните прашања.

„Многу сум благодарен за поддршката што Руската Федерација ѝ ја дава на Република Српска, вклучително и на ниво на меѓународното право, а тоа е гарант за имплементација на Дејтонскиот договор и на оние услови кои мора да бидат исполнети на ниво на Советот за безбедност на ОН“, рече Додик.

Тој посочи дека верува оти повлекувањето на руските војници од БиХ пред 20 години било грешка, бидејќи, според него, се додека има меѓународни сили во БиХ, треба да има и руски.

„Србите несомнено би сакале присуство на руската страна во БиХ, но таа одлука е донесена на високо ниво и веројатно е договорена на меѓународно ниво“, рече тој.

Осврнувајќи се на актуелната геополитичка ситуација во светот, Додик направи паралела меѓу Русија и Југославија.

„Претседателот Путин се грижи за својата земја и за својот народ. Тој секогаш беше принципиелен во претходните обиди да разговара со Западот и НАТО и да воспостави заеднички безбедносни и политички односи. Сепак, тие не го послушаа и продолжија да ѝ го прават на Русија она што претходно ѝ го правеа на Југославија“, рече Додик.

Додик и Путин разговарале и за воената сфера, па Република Српска очекува испорака на руски хеликоптери „ансат“ и разгледување на новите потреби во таа сфера. Република Српска претходно купи три руски хеликоптери, од кои два се веќе испорачани.

Според Додик, договорите меѓу Република Српска и „Гаспром“ за изградба на кракот на гасоводот од Србија се уште важат, а Бања Лука се надева дека реализацијата на проектот може да започне годинава, но дека е потребно е да се договорат сите преостанати процедури.

Проектот за магистрален гасовод со кој БиХ ќе се поврзе со гасно-транспортниот систем на Србија и кој ќе добива гас од Русија е во фаза на подготовка.

Република Српска преговара со Русија и за проекти за реконструкција на термоцентрали и набавка на опрема за работа во рудниците, за што би можело да се разговара веќе во јуни, кога делегација на РС ќе отпатува на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

Додик ја коментираше и ситуацијата со високиот претставник за Бих, Кристијан Шмит, велејќи дека тоа што Русија и Кина не го поддржуваат Шмит на таа позиција всушност значи дека тој не е официјално прифатен за висок претставник на ниво на Советот за безбедност на ОН.

„Во тој случај нема формална одлука и Шмит само ја игра само улогата на висок претставник. Советот за безбедност не ја одобри неговата кандидатура,“ нагласи Додик.

Треба да знаете
Последни објави