Search

Додик на средба со Путин, жесток протест од Американската амбасада

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска во Москва се сретна со претседателот на Русија, Владимир Путин, што предизвика жестока реакција од Американската амбасада во Босна и Херцеговина, пренесува РТРС.

На средбата во Кремљ, Путин му рекол на Додик дека ѝ е благодарен на Република Српска за нејзиниот пријателски однос кон Русија и за фактот дека Босна и Херцеговина не ѝ наметнале санкции на Москва благодарение на РС, додека Додик истакнал оти на Република Српска ѝ е потребна соработка со Русија на економски план.

„Српска останува упорна на ставот дека не следи политики кои одат само во една насока,“ нагласи Додик.

Додик по средбата изјави дека најважно е што Путин има време да разговара со Република Српска и додаде дека цената на гасот за Србија и понатаму останува поволна. Тој му врачил на Путин Орден на Република Српска за особена патриотска грижа и љубов кон РС.

Додик изјави дека со Путин размениле мислења за состојбите во Српска и регионот и дека ќе продолжат со секаков вид на соработка.

„Продолжуваме со интензивна изградба на руско-српскиот центар во Бања Лука,“ рече Додик.

Американската амбасада во БиХ оцени дека ниту една влада, на ниту едно ниво, не треба да ја проширува соработката со Русија во време кога таа земја „води агресивна војна“ против Украина.

Коментирајќи ја средбата на Додик и Путин, Амбасадата на САД во БиХ оценува дека одлуката на Додик да се сретне со рускиот претседател е кратковида и не им служи на интересите на граѓаните на Република Српска. Оттаму додаваат дека патот до сигурна иднина за БиХ води преку Брисел, а не преку Москва.

„Патот до демократска, просперитетна и безбедна иднина кој го посакуваат сите граѓани на Босна и Херцеговина, вклучително и жителите на Република Српска, води низ Брисел, а не Москва. Отстапувањето на претседателот Додик од овој пат е контрапродуктивно и штетно,“ потенцираат од Американската амбасада во Сараево.

Претходно во понеделникот, претставникот на Република Српска во Русија, Душко Перовиќ, најави во интервју за РИА Новости дека наскоро ќе биде отворен конзулат на Руската Федерација во Бања Лука.

„Процесот е завршен. Одамна е договорено, потпишан е и билатерален договор. Сега е во тек техничкото опремување на зградата во Бања Лука и се надевам дека наскоро ќе биде отворен конзулатот,“ изјави Перовиќ.

Според него, Република Српска е подготвена да плаќа за рускиот гас во рубли.

„Газпром го продолжува главниот договор секоја година, па ја добиваме цената – всушност, пазарната цена, но според старата формула. Подготвени сме да плаќаме во рубли. Ова е техничко прашање. Се разбира, сега се соочуваме со потешкотии со плаќањето бидејќи доцнат трансферите преку кореспондентни банки“, рече Перовиќ.

Како што наведе Перовиќ, Советот на министри на БиХ дал согласност за почеток на преговорите за изградба на гасовод за снабдување со руски гас, а се планира и поврзување со гасниот систем на Србија.

„Проектот моментално е во фаза на подготовка“, истакна тој.

Треба да знаете
Последни објави